
Штипските пензионери не ги сакаат мерките во најавениот антикризен пакет од страна на Владата. Иако тоа е единственото нешто што засега се најавува за нив како категорија граѓани, тие се одлучни дека не им треба еднократна помош во форма на ваучери од по 3.000 денари, како што беше досега. Велат дека макар и да имат такво нешто, не се сигурни за кого точно ќе бидат наменети.
А вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, потенцираше дека пензионерите се првите кон кои ќе бидат насочени поголемиот број од овие мерки. Ќе има и за младите и другите групи, но пензионерите се меѓу најранливите категории.
„Предвидуваме антикризни мерки кои ќе бидат солидарни и правични, насочени кон сите, за граѓаните да може да ги поминат празниците со полна трпеза, мерките тоа ќе го гарантираат. Вистински е потребата една категорија на граѓани која секако ќе биде опфатена, а тоа се пензионерите. Затоа што навистина сметам дека реформите кои навистина ги започнавме кај пензискиот фонд и пензионерите со нова методологија за усогласување на пензиите дава ефект, но никој не предвидуваше дека ќе имаме економска криза. Секако дека најранливите, а тоа се пензионерите, ќе бидат повеќе погодени и затоа сметам дека поголем дел од мерките треба да отидат кај пензионерите како целна група, но и другите, како младите и други.“ – посочи Битиќи.
Макар и да им се додели некаква помош, пензионерите се сомневаат дека тоа би било до крајот на годината.
Пензионерите, инаку, досега беа опфатени со неколку пакети антикризни мерки, како минатата година, така и на почетокот на оваа година преку енергетскиот пакет кој им се нудеше.
Ребека Спасова М-Нет