Прва награда за штипските бисери Драган и Лина на Фестивалот „Фолклорен извор“ во Бугарија

Штипските бисери – Драган и Лина Костадинови се закитија со уште една награда. Со тоа уште еднаш го потврдија својот талент, овојпат во соседна Бугарија. Во конкуренција од околу 5000 учесници од Бугарија и повеќе други земји, Драган и Лина ја освоија првата награда за вокални интерпретатори и инструментални солисти на Фестивалот. Натпреварувачите ги оценуваа доктори на науки по фолклор, академци и високопрофесионални стручни членови.

„Благодарение на нивните музички изведби, Драган и Лина собираат илјадници обожаватели и следбеници на социјалните мрежи не само во нивната татковина, туку и надвор од неа. Драган има 14 години и свири хармоника од својата петта година. Неговата сестра, десетгодишната Лина, почнала да пее на четиригодишна возраст, а од четиригодишна возраст свири и на виолина. Нивните родители не се професионални музичари, но тие се љубители на убава музика. Таткото свири и хармоника, а децата го носат музичкиот ген на претходните генерации.
Драган и Лина посетуваат музичко училиште и освен дома, пеат и настапуваат на професионални сцени и во ТВ емисии.“ – стои во објавата на организаторите на Фестивалот „Фолклорен извор“ на официјалната веб-страница.

Драган и Лина заедно со Градскиот хор 2019 од Штип учествуваа на отворањето на Фестивалот „Фолклорен извор 2023“, а следниот ден се претставија самостојно во натпреварувачката програма. Учесниците на Фестивалот беа дел од четири натпреварувачки денови, од 3 до 6 август.

Ребека Спасова М-Нет