
Делчевчани вчера беа сведоци на седмата по ред изложба на олдтајмери. Нешто повеќе од 70 сопственици на возила од земјава, но и од соседни Бугарија и Србија беа дел од веќе добропознатото „Ретро кар шоу“. На изложбата, а подоцна и дефилето низ делчевските улици учествуваа возила од Англија, Италија, како и автомобили кои најмногу се возеле на просторите на поранешна Југославија.
„Имавме гости од пет – шест града од Бугарија и од пет града од Србија. Имаше околу 70 возила коишто беа различни и, навистина, беа прекрасни. Тоа се случува кај нас вообичаено во август месец и задоволни сме од посетеноста. Навистина, тоа беше прекрасен ден. Да се поседуваат вакви автомобили е, навистина, прекрасно нешто. Тоа е голем спорт којшто во последно време кај нас се шири, навистина, пребрзо. Имаме млади членови во нашиот клуб коишто доаѓаат секојдневно да се консултираат со нас. Имаат набавено прекрасни возила, учествуваме на сите изложби на кои ќе не поканат, во Бугарија, во Србија“, вели Лоренцо Трајановски, претседател на Здружението „Кингс оф д роудс“.
Во официјалниот дел беа доделени награди за најдобро средени олдтајмери. Меѓу наградените претежно беа учесници од Бугарија и Србија, а останатите учесници добија медали и благодарници. Во рамки на концептот на самиот настан имаше и неофицијален дел, а за жителите на Делчево, секако, најинтересно беше дефилето низ улиците.
„Имавме пет награди, нив ги поделивме на колегите од Бугарија и Србија, а некои награди имаше и од Делчево – прво, второ и трето место. Имаше уште 15 медали што ги поделивме на другите колеги коишто дојдоа од внатрешноста на Македонија“, додава Трајановски.
Проблеми во организацијата на ваков настан, вели Трајановски, може да има само од финансиски аспект, но и тоа се решава со спонзорство од нивни колеги од соседните држави. Настанот е поддржан од Федерацијата на историски возила на Македонија, а покровител е Општина Делчево.
Ребека Спасова М-Нет