
Денес со пет натпревари беше означен старт на 32. издание на Првата македонска фудбалска лига со пет натпревари во Охрид, Струмица, Штип, Струга и Кавадарци. Телевизија М Нет со свои екипи ги следеше натпревари во Охрид и Штип.

Во Охрид на СРЦ „Билјанини Извори“ Воска Спорт го одигра својот прв натпревар како прволигаш, дебинатот на свој терен го пречека некогашниот шампион од Тетово, екипата на Шкендија.
Првиот дел заврши без погодоци, дебитантот беше одлично поставен во одбраната, па сите налети на гостинот од Тетово беа запрени.
И Воска и Шкендија имаа свои шанси и моменти за погодок во првиот дел, но голманите и на двете страни беа на висината на задачата.
Во вториот дел започна отворениот притисок за брзо отварање на резултатот од двете страни.
По турканицата покрај аут линијата и неспортското однесување, судијата Игор Стојчевски имаше работа и на Шаља му додели црвен картон. Играчот повеќе на терен за Воска беше голема предност и охриѓани правеа притисок за гол, а една таква шанса беше слободниот удар кој го изведе Адем.
Воска остана со играч помалку на теренот откако Георгиев заработи втор жолт и беше исклучен од игра.
Притисокот на Воска не резултираше со гол, а во судиското надополнување Шкендија преку Аганспаќиќ постигна гол за конечни 0:1. Искуството на Шкендија беше пресудно за оваа победа.
Некогашниот шампион од Тетово тргна со победа, а дебитантот ја започна историската сезона со минимален пораз од 0:1.

Во Штип се одигра дербито на Истокот меѓу Брегалница и Силекс, натпревар кој го следеше екипата на телевизија М Нет.
Теренот во Штип секогаш бил „жежок“ особено кога свое соочување имале Брегалница и Силекс. Трацицијата од меѓусебните пет првенствени натпревари на овие две екипи вели дека просекот на постигнатите погодоци е 3,8 по натпревар, висок процент кој денес во Штип одново продолжи откако во првите 45 минути паднаа три гола.
Брегалница прва поведе преку Димитриевски, а не требаше многу за гостинот од Кратово со голот на Милосављевиќ да израмни на 1:1.
Четата на Горан Здравков зададе нов удар, откако Колин Андерсон ја стресе противничката мрежа и го врати водството на Брегалница на 2:1 по првите 45 минути.
Во вториот дел мрежите мируваа, па резултатот од првиот дел стана конечен (2:1).
Ребрендираната Брера Струмица со италијански шмект денес на својот терен „Горан Пандев“ во Струмица се соочи со повратникот и најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар.
Првиот дел во Струмица заврши со чисти мрежи (0:0), па се вжешти борбата за трите бода во вториот дел.
Во вториот дел Брера со евроголот на Јанкулов стигна до триумф од 1:0 над Вардар и со пораз му посака добредојде во ПМФЛ.
Струга Трим Лум на домашен терен против повратникот Гостивар ја започна одбраната на титулата во домашното првенство со триумф од 2:0.
Шампионот преку Радески прв поведе против повратникот во “елитата” и имаше 1:0 на полувреме. Струга го даде првиот гол во новата сезона во ПМФЛ.
Во вториот дел Струга продолжи да го диктира темпото на играта против Гостивар, а Јаровиќ ги постави конечните 2:0.
Во Кавадарци соочување гледавме на Тиквеш и Македонија ЃП во меч каде кавадарчани полесно од очекуваното стигнаа до целиот “плен” со минимални 1:0.
Тиквеш беше поконкретен и правеше посериозен притисок кон голот на “лавовите” и тоа резултираше со водство за домаќинот од 1:0 на полувреме со голот на Ивановски. А во вториот дел немаше голови.
Колото ќе биде комплетирано утре со скопската пресметка на „Борис Трајковски“ во Маџари меѓу Работнички и Шкупи. Овој меч беше одложен поради европските обврски на Шкупи.