Пијан и без возачка излетал од патот, приведен 24-годишник од виничко, едно лице тешко повредено

Дваесет и четиригодишен жител на виничко е лишен од слобода откако, управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, предизвикал сообраќајна несреќа на регионалниот пат Грдовци – Зрновци, во која едно лице се здобило со тешки, а две лица со полесни телесни повреди.
Според информациите од полицијата, несреќата се случила на 23 јули околу 03:30 часот, кога Д.Н. (24) од селото Градец, виничко, управувајќи патничко возило „Опел“ со винички регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото и излетал од коловозот.
Во незгодата најтешко настрадал сопатникот С.С. (28) од селото Јакимово, кој се здобил со тешки телесни повреди. Возачот Д.Н. и сопатникот Д.А. (28) од селото Истибања се здобиле со полесни телесни повреди, констатирани во Јавната здравствена установа во Кочани.
При увидот, полициските службеници утврдиле дека возачот воопшто не поседувал возачка дозвола. Дополнително, извршените проверки покажале дека тој бил под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,69 промили алкохол во крвта.
По наредба на јавен обвинител, Д.Н. е лишен од слобода, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.