Пешачење или „скокање“ преку ѕид за прошетка покрај коритото на река Отиња

Завршени проекти за подобрување на животот на штипјани. Изградба на нова паркинг платформа, можност за минимално решавање на огромниот проблем со паркинг услугата. И да не заборавиме, почеток на нови недостатоци во центарот на Штип. Едно се подобрува друго веќе сосем се уништува. Живот во 21 век.

Во дојава од граѓани, на лице место за миг го почувствувавме она што тие секојдневно го живеат. Пешачката патека која преставува добра инвестиција за граѓаните на Штип, своето слободно време да го поминат пешачејќи или во прошетка на своите миленичиња денеска преставува и дополнителен проблем, бидејќи тргнувате од едно место па вашиот тек на движење во неколку наврати потребно е да го пренасочувате за да стигнете до посакуваната дестинација. За реализација на Б платформата, се сруши постоечкиот пешачки мост. Платформата се изгради од нов мост ни трага ни глас. Под платформата ѓубре и отпадоци, пешачка патека прекината на пола, малтретирање на штипјани. Ако патот ве води одовде мора да смислите начин како да поминете или едноставно се враќате назад, друго решение нема. „Привремено“ е поставена дрвена скала, импровизација на реалните потреби на граѓаните, или народски кажано „мачкање очи“ пред недостатоците.

Дали ќе се реши овој проблем и дали повторно пешачката патека ќе биде вратена во првобитната состојба објаснување побаравме и од надлежните, но тие без одговор. Молкот злато вреди па изгледа се водат по оваа изрека. Новата паркинг платформа сеуште не е пуштена во употреба и покрај фактот што на неа оддамна се паркираат возила. Во изјава од директорот на ЈП „Стипион“, Протогеров дознавме дека е поставено осветлување и се очекува наскоро платформата да биде предадена на јавното претпријатие и да почне со работа. Но тоа не го решава проблемот со прекинатата пешачка патека, за кој продолжува да се зборува, а никој не презема активности за негово отстранување.

Лаура Стојанова М-Нет