Пензионерите во сабота во Штип ќе носат одлука, пред протестот закажан за 1 декември во Скопје

Во сабота пензионерите од повеќе градови ќе се соберат во Штип, со цел да се донесе конечна одлука пред протестот закажан за 1 Декември во Скопје, пред Уставен Суд. Како што велат тие, засега се задоволни од линеарното усогласување на пензиите и бараат така и да продолжи. На таков начин според нив нема да се прави дискриминација на пензионерите со минимални примања и оние кои земаат повисоки пензии.

„Сакаме да дојдеме прво во Штип на разговор сите иницијативни претседатели, да донесеме одлука дека во понеделник на 1 декември во 11 часот ќе отидеме пред уставниот суд да го изразиме нашето незадоволство, протест, ќе го речам. Ги повикувам воедно сите пензионери од Македонија кои се за линеарно усогласување на пензиите да дојдат на 1 во 11 часот во Скопје пред Уставен Суд.“ – вели Станојков.

Со линеарното покачување на пензиите сите пензионери без разлика колку им е месечната пензија добиваат идентично покачување, со што се намалува дискриминацијата вели Митев.

„Институциите, посебно Уставниот Суд и другите институции што се во законодоавното судство прават некои опструкции кои делуваат врз луѓето. Делуваат врз категоријата пензионери со минимални примања.“ – вели Митев.

Последното покачување беше во месец септември кога пензионерите добија илјада денари плус на своите сметки, а ново линеарно покачување исто по илјада денари во месец март наредната година. Сите оние пензионери кои сакаат да продолжи линеарното услогласување на пензиите да бидат дел од проестот во понеделник, повика Станојков.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет