
Санацијата на тоалетите во ООУ „Тошо Арсов“ е во тек, а се очекува во второто полугодие да бидат во употреба за учениците. Таму како што и претходно беше утврдено, дел од тоалетите беа недостапни и вон употреба за учениците поради грешка на изведувачот при обнова на истите. Уште тогаш беше најавена санација, а како што истакна градоначалникот Јорданов, преземени се активности и во наредните неколку дена се очекува да се завршат, па учениците ќе можат во второто полугодие да ги користат и овие тоалети.
„Како што веќе ја запознавме јавноста тоалетите во ООУ „Тошо Арсов“ не се функционални и покрај тоа што таму во изминатиов период е извршена комплетна реконструкција. Заради пропуст од страна на изведувачот и од страна на надзорот, еден од тоалетите е нефункционален и создава проблеми и на долниот спрат на училиштето, односно се создава влага и заради тоа не се функционални поголем дел од тоалетите. Ние веднаш преземавме мерки, веќе таму се санираат постоечките тоалети за да можат за неколку дена од сега да бидат ставени во функција. Веќе се санираат, се работи на отстранување на направената штета којашто претходниот изведувач ја иам направено. Јас се надевам дека во второто полугодие овие тоалети ќе бидат ставени во функција“, истакна Јорданов.
Сепак, иако грешката е на изведувачот, поправката ќе биде финансиски исплатена со општински пари. Јорданов претходно потенцираше дека банкарската гаранција ќе се активира, но повлечената банкарска гаранција не дозволува изведувачот на свој трошок да ја изврши санацијата, туку ќе се издвојат дополнителни средства за истата.
„Со оглед на тоа што изведувачот ја ликвидирал фирмата, надзорот направил пропуст, банкарската гаранција е веќе повлечена и немавме можност да ја наплатиме оваа штета од страна на изведувачот. Ние со општински средства, со средства од училиштето ангажиравме друг изведувач којшто ја прави санацијата. Не можеме ништо да направиме во контекст да се наплати штетата од изведувачот, затоа што изведувачот не е санкциониран од страна на надзорот, банкарската гаранција е повлечена и немавме можност да ја наплатиме штетата од оној којшто ја предизвикал“ додаде Јорданов.
Колкав износ е потребен и ќе се исплати за поправка и повторна функционалност на тоалетите, како што кажа Јорданов, ќе се знае по завршувањето на активностите за санација. Инаку, Јорданов состојбата ја увиде пред речиси еден месец, но тоалетите се вон функција повеќе време. Изведувачот не одговараше на повиците на надзорот, па сега санацијата ја врши друг изведувач.
Ребека Спасова М-Нет