
Одбојкарскиот клуб Штип УГД ја започнува новата година со голем европски предизвик. Штипјани ги очекува реванш натпреварот против силниот италијански состав Allianz Milano, во рамки на 1/16-финалето од главната фаза на ЦЕВ Челинџ купот.
Дуелот ќе се одигра на „Бадник“, со почеток од 17:30 часот, во реномираната „Centro Pavesi“ арена во Милано, каде што нашите одбојкари по вторпат ќе ги „вкрстат копјата“ со еден од најголемите одбојкарски клубови во Италија и Европа.
И покрај силниот противник и гостинскиот терен, Штип УГД ќе се обиде да остави што подобар впечаток и достоинствено да ја претставува македонската одбојка на европската сцена. Натпреварот против Allianz Milano претставува големо искуство за тимот, но и можност за докажување против врвен ривал.
Очекувањата се дека штипските одбојкари ќе влезат мотивирано и борбено, со желба да покажат квалитет и карактер на меѓународната сцена, во натпревар кој носи посебна тежина и престиж.