
Ковид – пандемијата остави последици во текстилната индустрија, а и сега не може да се каже дека ситуацијата е на стабилно ниво. Ваков е ставот на претседателката на Кластерот за текстил, Маријана Перковска, која напомена дека процесот на враќање во нормала се одвива многу бавно. Ако, пак, се остварат предвидувања за нов поголем пандемиски бран, истиот ќе услови и нов бран на отпуштање работници. И така веќе нестабилната ситуација дополнително ќе се влоши, ќе остави негативно влијание и врз работодавачите и врз работниците.
„Сега се наоѓаме во еден период кога треба да се издржи во смисол на тоа што поради зголемените транспортни трошоци, зголемениот стандард на блискиот и далекиот Исток, цените веќе се покачени и се цели производството во Европа повторно, посебно на Балканот. Меѓутоа, знаете како, кога ќе доаѓате, секогаш ќе барате пониски цени, а од друга страна сè поскапува, вклучувајќи ја електричната енергија, суровини. Така што ќе помине еден период додека да се стабилизира не само побарувачката, туку и цените на европските пазари. Има најави, наши компании беа во Дизелдорф на саем, каде што имаше доста голем интерес. Меѓутоа, сè се тоа преговори и сè се тоа работи за коишто треба малку да причекаме, односно тоа е некој период од три до шест месеци за којшто ќе видиме кои налози ќе останат, со што ќе може да се одговори на потребите. Сега е сè уште многу рано за да може да се каже дека е стабилизирано или дека нешто ќе се случува поволно“, вели Перковска.
Енергетската криза ќе внесе дополнителни проблеми во овој сектор. Но Перковска вели дека поголем проблем се рестрикциите отколку покачувањето на цената, зашто оттука се поставува прашањето како компаниите ќе ги надополнат испуштените часови. Покачувањето на минималната плата, пак, го коментира како ништожен чекор ако цените се покачуваат.
„На пример, еден од начините може да е да нема покачување на електричната енергија за домаќинствата, туку само за компаниите. Друг начин е замрзнување или стабилизирање на цените на одредено ниво за таа плата којашто ја земаат во моментов вработените да не претрпи голем шок. Ништо не ви значи ако добиете 18.000, а тие реално вредат многу помалку од 12.000 порано“, додаде таа.
Дека со плата на текстилен работник не може да се опстојува согласни се и граѓаните знаејќи го фактот дека со платите се зголемуваат и цените. Но зголемување на цените ги засега и пензионерите, чии пензии не бележат пораст.
Во однос на веќе затворените компании, претседателката Перковска вели дека статистики не водат. Дури и една компанија да се затвори покажува дека ситуацијата е во опаѓање и затоа таа смета дека треба да се фокусираат на креирање стратегија за одржување на компаниите и премостување на проблемите во период на турбуленции.
„Реално, текстилната индустрија има многу големи шанси не само да преживее, туку и да го постигне она ниво од времето кога се осамостоивме, па текстилната индустрија го носеше целиот период на осамостојувањето како еден од најголемите извозници во државата. Меѓутоа, од нас зависи дали ќе знаеме да го искористиме овој момент или ќе го пропуштиме. Зашто тие компании коишто затвориле, никогаш повеќе нема да отворат. Не е ова ниту месара, ниту бутик. Производството кога ќе се затвори, тоа не се отвора“, додава Перковска.
Таа смета дека токму овој период е време во кое треба да се одржи текстилната индустрија како индустриска гранка со преземање вистински чекори, во спротивно истата би се спуштила на скалило подолу како минорна и неважна гранка за државата.
Ребека Спасова МНет