Се подготвува монографската публикација за Блажо Стојановски од пробиштипското село Гајранци

Во подготовка монографската публикација за Блажо Стојановски. Авторката, Славица Цветкова, вели дека идејата се родила спонтано, но таа со задоволство ја прифатила. Обемот на зачувани изворни материјали на Стојановски бил една од причините поради кои таа дала позитивен одговор на иницијативата од страна на неговото семејство.

„Монографијата е за Блажо Стојановски од селото Гајранци, пробиштипско. Тој е наш сограѓанин од Кочани, човекот којшто го познавав многу добро, човекот кој педантно има сочувано многу документи и некогашен претседател на Општина Тролово, село Гајранци. Монографијата е резултат на големата желба на неговото семејство со кое ние сме многу блиски“, вели Цветкова.

Семејството сметало дека токму Цветкова најдобро ќе го напише собраното материјално богаство имајќи ја предвид нивната блискост. А поради истата причина прифатила и таа, па оттогаш истражува на терен во селото и ја подготвува монографија за Стојановски.

„Истражувањата одат на терен, неколкупати бев на терен во селото Гајранци затоа што како и во сите монографии неминовно е да се даде личната карта и на селото. Неколкупати бев таму, разговарав со луѓето, направив фотографии“, додава таа.

Во моментов монографијата се подготвува од технички аспект, а се очекува од печат да излезе на почетокот на следната 2022 година.

Инаку, Цветкова се јавува како еден од авторите на монографијата за Тодосија Паунов, која излезе од печат годинава. Во книгата покрај истражувањата на Цветкова и Јане Атанасов сместени се и директни искажувања на негови современици, соработници, роднини и новинари. Неговиот богат животен опус, според авторите, заслужувал да добие една монографска рамка.

„Се работи за човек којшто бил успешен стопанственик, директор на работната организација „Атом“ од Кочани, градоначалник, односно тогаш претседател на Собранието на Општина Кочани и пратеник во македонскиот Парламент во два мандати. Сметавме дека Кочани малку му се има оддолжено на него, а тој стори многу за Кочани и уште се прикажува и се користат неговите резултати. Се разбира, тој тоа не го направил сам, но бил човек којшто во својот тим имал способни соработници“, додава Цветкова.

Инаку, Цветкова е автор и коавтор на повеќе дела со широк пишувачки опус, меѓутоа за себе вели дека најмногу се пронаоѓа во пишувањето монографии.

Ребека Спасова МНет