
Со изградбата на конзолите покрај коритото на река Отиња во Штип, централното градско подрачје, односно улицата пред општината е без улично осветлување. Пред 20 дена вд директорот на ЈП „Стипион“ Игор Ефтимов ја информираше јавноста дека осветлување ќе има за 15 до 20 дена откако ќе бидат завршени активностите за изградба на конзлоите. Но, и по тој период осветлување се уште нема. Кога наистина ќе светне и оваа улица, односно до кога граѓаните ќе се движат во темница повторно го прашавме Ефтимов. За М-нет телевизија тој кажа дека најверојатно дел од уличното осветлување ќе биде во функција од наредната недела.
„Бидејќи тие 20 дена поминаа во текот на вчерашниот ден јас остварив средба со изведувачот каде што ми беше кажано дека од понеделник или вторник ќе почне со местење на бандерите. Местењето на бандерите е одложено бидејќи тие бандери требало прво да се пескарат, да се исушат и етапно ќе бидат поставувани. Сите подготовки за месетење на бандерите се завршени, така да како ќе се местат бандера по бандера така етапно ќе биде вклучено и уличното осветлување“ – кажа Ефтимов.
Проблемот со уличното осветлување беше еден од најпосочуваните од страна на граѓаните во претходниот период, а по смената на Власта во Општина Штип. Работата на поставување на нови светилки во градот под Исарот е со приватно партнерство со фирма која работи на оваа проблематика.
Лаура Стојанова М-Нет