Нема откуп на јагиња за Курбан Бајрам, сточарите во незавидна ситуација

За Курбан Бајрам нема откуп на јагнињата. Иако цената е иста како и претходниот период, сточарите велат дека никој не ни прашува да купи јагне за празникот. Тоа е голем удар врз нив, бидејќи јагнињата треба да се продаваат, а никој не купува. Бајрам Омер од штипска Лакавица вели ситуацијата е лоша и загрижувачка во овој момент.

„Нема откуп, оти трговците немало каде да ги носат јагнињата. Цената сега не е проблем, туку воопшто нема ниту заинтересираност ниту откуп на јагнињата. Тоа е голем удар врз сточарите, еве еден колега наш има околу 350 јагниња во просек по 30 до 35 килограми, а откуп нема“ – вели Омер.

Најголем дел од сточарите ги продаваат своите овци, оти исплатливост нема. Ниска според сточарите е и цената на млекото, а сега не можат да купат ниту храна оти немаат пари. Ваквата ситуација води до продажба на овците и измуирање на сточарството во државата.

„Еве сега за Курбан Бајрам има многу сточари кои ги знам и кои ги продаваат своите овци. Не е исплатливо, и цената на млекото е ниска, немаме пари за храна за овците и не останува ништо друго освен да се продадат овците“ – вели Омер.

Иако сточарите чекаа повисоки цени за откуп на јагнињата, сепак ги продаваа од 210 до 230 денари жива мера.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет