Модерен дух и позитивна енергија на сцената на „Макфест“, изведувачите со импресии од првата вечер

Штип вчеравечер пулсираше во ритамот на 38. издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. Повеќе дебитанти, многумина веќе искусни во својата работа, сите беа дел од енергијата која ја предизвика првата вечер од Фестивалот. Сцената пленеше со модерен дух и нова енергија, салата беше преполна, а задоволство изведувачите не го криеја и зад сцената. Новиот концепт го поздравија оние кои првпат се дел од „Макфест“, а ја изразија поддршката и кон сите останати.

„Затоа што ни се допаѓа, затоа и сме тука. Со многу урбана и модерна музика одиме напред, ние, навистина, сме дел од тој свет којшто треба да оди напред и да компонира урбана музика. Пренесуваме порака да се сакаме, да се почитуваме и да нема омраза“, вели Димитар Симонов од Блу бенд.

„Првпат се претставувам како артист на некоја ваква поголема манифестација, инаку сум клавирист, сум во позадина, следам некого, учествувам во проект на некој друг, ама, што знам, секоја реклама е добредојдена, секое претставување е супер, така што поддршка за сите млади коишто направат нешто повеќе во животот, нека компонираат, нека творат“, вели Роберт Спасенцовски – Џокер.

„Пренесувам да бидете единствени секогаш, како што е и самиот наслов на песната. Многу убаво поминавме вечерва, имаше една позитивна енергија“, вели Софија Ангелова.

Оние кои веќе имаат макфестовско искуство, пак, потврдуваат дека организацијата е подобра од година во година. Фестивалот се прошири и надвор од границите на земјава со настапот на српска музичка ѕвезда во рамки на дуетска песна.

„Што се однесува до самата организација, секоја година е сѐ подобро и подобро и, навистина, тоа е за пофалба. Што се однесува до мојот настап и разликата од минатата година до сега е тоа што до мене е една српска ѕвезда и еден извонреден вокал. Различна е и песната, оваа е балада и поинаку од тоа што беше минатата година“, вели Кристина Димитри.

„Имала таа дуетска песна и размислувала со кого може да ја сними. Видела некоја фотографија од мене на Инстаграм и ми се јави: „Колега, дали би снимил песна со мене?“. Реков во ред, ајде, да пробаме, да слушнеме дали тоа лежи, ако лежи, зошто да не? Јас отпеав, тоа, навистина, супер се вклопи, иако не е некој мој фазон, бидејќи јас повеќе пејам фолк, ама енергиите се поклопија и мислам дека ќе биде баш добар резултат“, вели Љуба Перучица.

Некои од учесниците на овогодинешното издание на „Макфест“ ги открија и своите фаворити, други, пак, сепак останаа доследни на својата композиција.

„Мора да ги ислушам убаво утре сите песни и да ги слушнам оние од втората фестивалска вечер, па потоа да одлучам, ама нашата песна нам ни е некако фаворит.“

Овогодинешното издание на „Макфест“ продолжува и вечерва, публиката и седумчлена жири комисија одлучија дека на макфестовската сцена и вечерва ќе се појават Александра Трајчевска, Блу бенд, Драгана Јовановска, Јасмин Алиевски и Тијана Периќ. Вкупно ќе има 18 композиции, 13 нови и петте избрани од оваа вечер.

Ребека Спасова М-Нет