Млади штипјани денеска учеа боречки вештини од американскиот борец Џордан Џонсон

Неколку десетици млади луѓе денеска учеа боречки вештини од борецот Џордан Џонсон од САД. Џонсон, кој вчера пристигна во Скопје, а денес веќе е во Штип, има позитивни впечатоци од земјава и посочува дека овде има многу таленти, кои со напорна работа може да простигнат големи успеси. Борецот на микс од боречки вештини за штипските млади спортисти одржува тренинзи на база на семинар со цел согледување на потенцијалот, но и промоција на овој спорт кај младите.

„Па да, први впечатоци – прекрасна држава, луѓето се дружељубиви, јас навистина ја сакам културата. Во Штип само што пристигнав, сакам да поминам повеќе време овде, одлични луѓе и култура и, навистина, уживам во времето поминато овде. Денес имаме мешавина од боксери и кикбоксери. Она што ќе го сторам денес е дека ќе ги учам на двата спорта и ќе се обидам да ги спојам заедно за оние од кикбоксот да научат нешто од боксот и обратно. Мислам дека е одличен ден. Овде има многу таленти, секако, ќе се обидам да им дадам насоки и програми коишто може да ги следат. Има многу потенцијал, мислам дека ќе има многу ѕвезди од овој регион“, вели Џонсон.

На официјалниот пречек на Џонсон и започнувањето на тренинзите присуствуваше и градоначалникот, Иван Јорданов, кој посочи дека Штип е спортски град, во чија полза е присуството на ваков успешен борец.

„Штип е познат град по овој вид на спорт. Ние како Локална самоуправа даваме целосна поддршка и во инфраструктура и во мотивација, поддршка на спортските клубови, боречките вештини во нашиот град. Препознатливи за нас се борачите на Блаканец, на Олимпија“, вели Јорданов.

Џонсон е гостин на БК Олимпија, а во Штип ќе биде до 6 мај. Тренинзи ќе одржи и утре и вели дека ќе се обиде на ваков начин да им го пренесе советот дека мора да продолжат да работат напорно.

Ребека Спасова М-Нет