
Ученици од кочанското средно училиште „Љупчо Сантов“ победници на „Ап шифт“ натпреварот во секторот дигитални еко-решенија. Со изготвениот прототип за дигитален фотосинтетски билборд имаат за цел да придонесат за почист воздух во Кочани, а преку одржаниот Камп во Струга имале можност да соберат многу знаење и да го покажат својот потенцијал.
„Се дружевме со деца од различни градови, успеавме да стекнеме голем број пријателства и процесот на одржување на натпреварот беше фер. Ни дадоа можност да си ја искажеме нашата идеја и да го прикажеме решението за кое ние сметаме дека е добро за да дишеме почист воздух во Кочани. Овој прототип, односно фотосинтетски билборд, работи на начин што имаме еден сад кој е исполнет со вода и во тој сад има алги. Според многу истражувања, докажано е дека алгите имаат значајна улога во прочистувањето на воздухот и исто така е вграден соларен панел од кој ќе се напојуваат рекламите кои ќе бидат прикажувани на нашиот билборд со цел да се врши процесот на фотосинтеза кој е неопходен за почист воздух“, вели Борис Шалевски, ученик во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Менторката на учениците, Ирена Димитрова-Јорданова, посочува дека денес не е прашање дали, туку колку е загаден воздухот во Кочани и тоа било појдовната точка за нивната идеја. Проектот треба да се реализира во следните три месеца, а освен што ќе го прочистува воздухот, на кочански компании ќе им овозможи и да изложат свои рекламни материјали.
„Нашите ученици од СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани изнајдоа идејно решение за загадениот воздух. Станува збор за дигитален фотосинтетски билборд. Зедовме учество на „Ап шифт“-кампот и идејното решение беше претставено пред самата комисија. Енергетски е ефикасен, се користат соларни панели, придонесува за прочистување на воздухот преку процесот на фотосинтеза и можност за дигитални реклами каде што општинските компании ќе поставуваат свој рекламен материјал“, вели менторката Ирена Димитрова-Јорданова.
На кампот учествуваа десет средношколски тима, а пет тима кои се покажаа како најдобри добија награда во износ од 120.000 денари и тримесечно менторство за развој на социјалните иницијативи во своите заедници.
Ребека Спасова М-Нет