Мирисот на зимски ајвар ги плени срцата на штипјани

Во сезоната на зимници, М-Нет телевизија присуствуваше на подготовката на ајвар кај две другарки. Тие со заеднички сили ја подготвуваа зимницата годинава. Пипер си купиле по вообичаена цена, ама задоволни беа од истиот. Пиперот беше испечен кога нашата екипа отиде во нивниот двор, па присуствуваме додека истиот се пржеше, половина доза благ, половина доза лут.

„Да ви кажам, пиперот го зедовме 35 денари и многу е добар. Ни го донесоа од с. Габрово, од мои пријатели, кои беа на пазарот. Вчера почнавме во 19 часот, ги испековме пиперките, ги излупивме и денес почнавме да го пржиме“, вели едната од нив.

Секоја година овој временски период се подготвува зимница кај нив. Велат дека зимата е долга и мора да бидат подготвени, па почнуваат во септември со подготовка на најразлични зимници. Ставаат и туршија, но сега сè уште е рано, високи се температурите, додадоа тие. Од пипер подготвуваат повеќе производи, кои им се доволни од една до друга сезона.

„Печи – гмечи, печени пиперки со лукче, везени пиперки во тегла со лук, оцет и магдонос. Зимата е долга и треба да се јаде“, додава другата од нив.

Досега тие не купиле зимница од маркет, велат дека од домашно нема подобро. Според нив, и поисплатливо е зимницата да се подготви во домашни услови, бидејќи знаете што ставате во истата. Не е напорно ако се има доволно луѓе за помош и вредни раце за работа. Згора на сè, за два дена имате готов ајвар направен по ваш рецепт. Во конкретниов случај се очекува да се добијат 20 тегли ајвар.

Лаура Стојанова МНет