
Во тек е најважната стстистичка операција во државата, Попис 202. Одлично започна, но во текот на одвивањето во претходните денови имаше мал застој, како и технички проблеми. Меѓутоа, сите предвидувања се дека најважната статистичка операција во државата ќе заврши навремено и успешно. Државниот секретар во Министерството за правда, Мухамед Точи, кој беше гостин во нашата емисија, вели дека во пописот моментално не е вклучена политиката, додавајќи дека истиот е од големо значење за сите и потребно е граѓаните да соработуваат и да отворат врата на попишувачите.
„Има доволно доза на политика, ама со цел да се приберат соодветни и точни податоци во Пописот 2021. Од делот на дали има политика во интерес на некоја од политичките опции, не, нема. И гарантирам за тоа дека нема, заради тоа што интересот на собирањето на податоците од оваа најважна статистичка операција е да се присоберат што е можно повеќе точни податоци коишто понатаму можат да се користат за креирање на политиките, коишто треба да се направат за интересот на сите граѓани без разлика каде се и кои се. Губиме сите. Прво губи оној граѓанин којшто нема да ја отвори вратата, заради тоа што нема да се знае за неговите или нејзините предизвици. Нема да се знае за предизвиците коишто ги има тоа домаќинство, нема да знаеме какви потреби има тоа домаќинство. Зборувам како индивидуа, а, всушност, податоците коишто ќе ги добиеме од пописот нема да се разгледуваат индивидуално, туку ќе се разгледуваат колективно. Нели, знаете дека податоците добиени за време на пописот се добро заштитени согласно Закон и таму не се разгледуваат индивидуално, туку се разгледуваат колективно“, истакна Точи.
Пописот е безбеден бидејќи тоа е првата основа по која се водеше Владата на почетокот на истиот, додаде Точи, охрабрувајќи ги сите граѓани да отворат врата и да учествуваат во пописот. За поблиско разбирање на граѓаните, Точи пописот го спореди со одењето кај доктор само како еден пример.
„За да биде поблиску разбрано до граѓаните, ние сите сме имале потреба некогаш да одиме кај доктор, па тој ќе ве испрати кај некој специјалист за да ве снимаат, да ви проверат крв, да направите ваква или онаква анализа, па врз основа на тоа ќе ви го даде соодветниот лек. Ова разберете го така. Со пописот излегуваме сега да ги собереме сите податоци за да знаеме која е дозата, кој е механизмот, која е таа политика со којашто заеднички ќе можеме да одговориме на предизвиците. На крајот на краиштата, оваа статистика којашто ќе се направи, овој попис, којшто сега го правиме, не е само за оваа Влада, ова е на подолгорочна основа, собирање податоци за користење на подолгорочна основа. И овие податоци не се наменети само за оваа Влада и не се наменети само за политичарите. Бенефитот од собирањето и точноста на податоците ќе ја имаме сите. Ви гарантирам за тоа дека бенефитот ќе го почувствуваме и во бизнис заедницата и генерално во сите политички партии, без разлика дали сте позиција или опозиција“, додаде Точи.
Преку соработката на граѓаните, односно преку отоварњето на врата и уредно попишување со точно дадени информации се покажува патриотизмот, додаде Точи. Пописот во државата се одржува првпат по две децении во државата и сега е најпогодното време. По сите претходно направени анализи, доколку некој граѓанин не сака да отвори врата за да се попише, за тоа може да нуди само изговори, истакна Точи, додавајќи дека вистински причини за непопишување моментално нема.
Лаура Стојанова МНет