Лоша е состојбата во КБ Штип, нема кадар, опрема, апарати констатираше заменик министерот Андовски

Лоша е состојбата во која се наоѓа Клиничка болница Штип. Ова е констатацијата на заменик министерот за здравство, Јовица Андовски, при денешната посета. Вели гледајќи од аспект на кадарот, апаратите, опремата, потребата од нови лекари ситуацијата секаде е лоша. Токму затоа остварија состанок со новиот в.д.директор Владко Захриев, и како што вели донесени се повеќе договори за подобрување на работите. Ќе се започне со поправка на магнетот кој не работи веќе три месеца.

„Болницата за жал е оставена во многу лоша состојба, гледано од повеќе аспекти како кадарот, така опремата, понатаму и за потребата од нови доктори специјализанти. Направивме сега една стратегија, се договоривме како заеднички да дејствуваме за да може во одредена мера да ги поправиме работите. Почнувајќи од магнетот кој е расипан, а се договоривме и да го формираме ургентниот центар кој ќе се наоѓа кај приемно.“ – вели Андоновски.

Освен модифицирање на ургентниот центар и поправка на магнетот, во наредниот период ќе се работи и на достапноста до болница, вели Захариев. На ваков начин ќе се подобри пристапот на пациентите до болницата но и на Брзата помош.

„Достапноста што ќе ја подобруваме на болницата, да го оспособиме и другиот влез за Брзата помош и подобрување на патната инфраструктура околу болницата. Наредниот месец ќе асфалтираме за болницата да биде со подобар пристап.“ – додава Захариев.

Во периодот кој следи фокус ќе се стави и на вработување на нов медицински и немедицински кадар во болницата, оти од потребни 550 лица има само 420.

Лаура Стојанова М-Нет