
Македонскиот шампион Пелистер го направи првиот голем чекор кон новата сезона, откако официјално го назначи легендарниот хрватски стручњак Лино Червар за нов шеф на стручниот штаб.
Битолскиот клуб и трофејниот тренер се договорија за двегодишна соработка, а со тоа започнува ново поглавје во амбициозниот проект на „зелено-белите“, кои сакаат да продолжат со доминацијата на домашната сцена и да направат нов исчекор во европскиот ракомет.
Червар важи за едно од најголемите тренерски имиња на овие простори. Во својата богата кариера ги предводеше репрезентациите на Италија, Хрватска и Македонија, а остави силен белег и во клупскиот ракомет со екипите на Загреб и Металург. Со хрватската селекција освои олимписко и светско злато, а во Македонија остана запаметен како тренер кој создаваше шампионски тимови и афирмираше бројни ракометари.
Од Пелистер потенцираат дека изборот на Червар е јасна порака за високите амбиции на клубот, кој сака да се издигне на уште повисоко ниво по трите шампионски титули и настапите во Лигата на шампионите.
Легендарниот стратег наскоро и официјално ќе биде претставен пред битолската јавност, а неговото доаѓање веќе предизвика огромни очекувања меѓу навивачите и ракометната јавност во Македонија.