Притвор за наставникот кој допирал малолетнички во приватен центар во Штип, МОН нема надлежност, најавени законски измени

Случајот со наставникот по математика кој допирал малолетни девојчиња во приватен центар во Штип, создаде вознемиреност и сериозни реакции во јавноста. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, прашана за случајот, кажа дека приватните едукативни центри не се под надлежност на министерството и дека во моментов нема механизми за контрола на нивната работа. Таа најави законски измени со кои приватните центри ќе бидат ставени во образовниот систем и под државен мониторинг.

,,Приватните центри не се под надлежност на МОН за жал и моите информации кои ги добивам од стручните служби е дека тие се надвор од системот. Ние предвидуваме зако за да ги вклопиме во системот образовен за да можеме и да спроведуваме монеторинг над нивната работа. Како што гледате, МОН две години не е запрено 24 часа работи. Толку многу закони мораа да се променат, за да се подобрат и покачат стандардите, за да обезбедиме квалитет во сите чинители и кај учениците и кај професорите и кај стручните служби и кај родителите и кај социјалните служби. Да тоа е еден од законите кои министерството во иднина треба да го донесе и јас се надевам дека ќе успее на брза лента да донесеме уште пет,шест други закони откако ќе поминат овие три – високото образование наука и квалитет и откако ќе ги направиме потребните измени на законот за основно и средно, во договор со пратениците и во договор со реалноста. Ова мора да се стави во систем и не се само они, има многу други. Дури и некој високообразовни установи кои никако не се во системот. Има училишта кои сакаат и побараа од нас да се вклопат во системот, јас и благодарма за тоа, но ќе го направиме тоа во некое догледно време, кога реално ќе можеме да стигнеме.“, вели Јаневска

Од јавното обвинителство на Р Македонија соопштуваат дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против лицето, кое се сомничи дека подолг период вршел полови дејствија врз три девојчиња, кои не наполниле 15 години. Како што информираат, од септември 2023 до 11 мај, осомничениот користел прилика во која на девојчињата на возраст од 13,11 и 10 години им држел дополнителни часови во центарот и им се приближувал и ги допирал по телото.

„Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лицето за кое постои сомнение дека подолг период вршел други полови дејствија врз три девојчиња кои не наполните 15 години, со што се исполнети елементи на кривичното дело од член 188 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Последователно, од септември 2023 година до 11.05.2026 година, осомничениот користел прилика во која на девојчињата на возраст од 13, 11 и 10 години им држел дополнителни часови во образовен центар и им се приближувал и ги допирал по телото.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.“, велат од ЈОРМ

Од МВР велат дека случајот го пријавиле родители во присуство на ученмичките и претставници на јавната установа-меѓуопштински центар за социјални работи Штип. Со судска наредба извршени се претреси во неговиот дом и во образовниот центар и одземени се предмети за понатамошна постапка.А.Ш. бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него е поднесена кривична пријава, а од судија на претходна постапка му е определена мерка притвор од 30 дена.

Иван Митев, М-Нет