„Критични прашања во земјоделството и животната средина“ – конференција на УГД

„Критични прашања во земјоделството и животната средина“ беше темата на денешната судентска конференција одржана во Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Наменета беше за презентација на научните трудови на студентите, но и за споделување успешни приказни со цел студентите да се насочат кон успешна реализација во млади инженери од кои има огромна потреба на пазарот на трудот.

„Пред сѐ фокусот е ставен на студентите и нивното истражување, меѓутоа имаме и дел предвиден за фирми, кои ќе се презентираат пред нашите студенти, сѐ со цел да ги мотивираат и да ги насочат каде по нивното дипломирање. Нашите успешни студентски приказни ќе биде дополнителен мотив. Ова е една убава конференција којашто ќе ги сплоти сите студенти и ќе ја даде јасната порака за значењето на земјоделското производство, а со тоа и потребата од идни инженери, агрономи на пазарот на трудот“, истакна деканката на Земјоделскиот факултет, Емилија Арсов.

На конференцијата се разгледуваа повеќе прашања кои ги опфаќаат предизвиците со кое се соочува земјоделството. Презентираните трудови беа на повеќе теми, кои ги опфаќаат и прашањата за ефикасно производство и заштеда на енергија.

„Првата тема беше еден специфичен начин на обработка на почвата, каде што на тој начин се придонесува од еколошки аспект најмногу. Се придонесува и од енергетски ефект, знаеме дека сега е енергетска криза. Од друга страна, се придонесува и за намалување на емисијата на прашина и гасови. Тоа беше ударна тема и прва ставена за презентација“, истакна д-р Љупчо Николовски, професор на Земјоделскиот факултет.

Ова е трета студентска конференција на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Како резултат од истата произлегоа неколку теми за разработка од страна на студентите, но и прашања кон веќе реализираните дипломирани студенти.

Ребека Спасова М-Нет