
Наводно реализираните 125 проекта на ДПМНЕ може да ги види само Јорданов со неговите розеви очила, посочија денес на прес-конференција од ОО на СДСМ Штип. Според нив, сѐ она што промовирал Јорданов пред Мицкоски на партискиот саем се проекти на СДСМ, а ветувањата на градоначалникот штипјани не може никаде да ги видат. Наместо проекти, обвинуваат тие, има само обична шминка дека нешто се работи.
„Партискиот саем на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Јорданов се потврда за неспособноста за водење на Oпштина каква што е Штип, центар на Истокот, универзитески и културен центар. На партискиот саем не слушнавме ништо за планот за задолжување на Општината за 4 милиони евра, ниту пак промоција на покачената цена за собирање на смет за 110 проценти. Наместо градски превоз во Штип се случи да нема превоз. Наместо развој и модерен Штип, гледаме стагнација и уназадување. Ги нема детските градинки, ги нема катните гаражи, ниту пак парковите со езера. Она што граѓаните го гледаат се неисчистените улици и тротоари, полни контејнери, над 100 прекини во водоснабдувањето, ниту еден капитен проект и обична шминка дека нешто се работи“, истакна Трајче Стојчевски од ОО СДСМ Штип.
Градоначалникот Јорданов вели дека СДСМ нема да ги коментира. Отчетот се дава пред граѓаните, заклучува тој, па затоа тие најдобро ќе оценат.
„Ние отчетот го даваме кон граѓаните, сето она коешто е сработено го презентираме пред нив, а не пред Социјалдемократскиот сојуз. Фокусирани сме на решавање на проблемите, на реализација на нашата програма, на проектите. Не сме идеални, не сме најдобри, но се трудиме да направиме нешто за граѓаните. Инаку, не би ги коментирал Социјалдемократскиот сојуз“, одговори Јорданов.
Меѓу проектите за коишто СДСМ вели дека ги реализира централната власт во Штип се модерна и безбедна крстосница во населба Сењак, конзоли за пешаци покрај река Отиња, заштитна ограда од двете страни на река Отиња и реконструкција на булевар „Гоце Делчев“.
Ребека Спасова М-Нет