Кожуф подобар на тестот со третолигашот Победа во Валандово, Осогово загуби од Тетекс, пораз за Големо Коњари

Македонските второлигаши и третолигаши продолжуваат со одигрување на пријателски натпревари за темпирање на формата за новата сезона.

Екипата на Кожуф која е предводена од штипскиот тренер Иван Варадиновски одигра пријателски меч во Валандово против третолигашот Победа, а кој меч заврши со 0:2 за второлигашот од Гевгелија.

Варадиновски комбинираше со цел да ја провери формата на сите играчи кои ги има на располагање, а од друга страна Победа која се врати во Трета лига – Исток и игра со млади играчи ќе продолжи со максимална работа за време на летните подготовки со цел максимално подготвена да влезе за новата сезона во Трета лига – Исток.

Екипата на Осогово загуби на пријателскиот меч со повратникот во Втора лига, тимот на Тетекс од Тетово.

На овој меч беа постигна вкупно три погодоци за конечни 1:2 и триумф на „штофарите“ од Тетово.

Новиот второлигаш Големо Коњари загуби на пријателскиот меч со Вардар Неготино со резултат од 3:0. На овој натпревар екипата на Големо Коњари не настапи во комплетен состав, со што тренерот Јовица Блажевски на располагање немаше многу играчи, па тоа беше и хендикеп за новиот второлигаш.

Новата сезона во ВМФЛ ќе започне на 23 август со натпреварите од првото воведно коло.

Александар Ванев, М-Нет