Клековски: Мажите почесто заболуваат и имаат поголема смртност од западнонилска треска

Мажите почесто заболуваат од западнонилска треска и имаат поголема смртност во однос на жените, посочи министерот за здравство Сашо Клековски, на денешната прес-конференција. Како значајни фактори за заболувањето и смртноста, министерот Клековски ги издвојува и хроничната бубрежна болест и претходните цереброваскуларни инциденти, односно мозочни удари и крварења. Тој појасни дека жените во добар дел од животот се заштитени од кардиоваскуларни инциденти.

,,Јасно е дека стапката на заболување со нервноинвазивната форма и смртноста е поголема кај мажите. Значи кај мажите морбилитетот е 3,7 на 1 однос мажи-жени. Две други состојби се поврзани со значајно и со заболувањето и со смртноста, едната е хронично бубрежна инсуфициенција или хронично бубрежна болест и втората е претходно е цеброваскуларни инциденти, претходни мозочни удари, крварења. Возможно е, хипотетички кај мажите да се почести цеброваскуларните инциденти, бидејќи знаеме дека статистички жените посебно во добар дел од животот се заштитени од кардиоваскуларни инциденти“, рече Клековски

Инаку, денеска е регистриран седмиот смртен случај од западнонилска треска. Почина 69-годишен пациент, кој бил хоспитализиран 38 дена.

Ева Тушевска, М-Нет