
Штипската кикбоксерка Викторија Варадинова се враќа во рингот! Иако претходно веруваше дека ја завршила својата спортска приказна, љубовта кон кикбоксот и желбата повторно да ја претставува Македонија ја натераа да донесе нова одлука – нејзината приказна продолжува!
Варадинова преку емотивно соопштение ја сподели одлуката за враќање на натпреварувачката сцена, најавувајќи дека во ноември повторно ќе го облече репрезентативниот дрес и ќе ја брани честа на својата земја на Европското првенство.
Нејзиното враќање е многу повеќе од нов спортски предизвик. Зад него стојат години посветеност, напорни тренинзи, повреди, победи, порази и моменти во кои требало да се пронајде силата за повторно да продолжи. И токму кога помислила дека е време да стави крај, сфатила дека рингот сè уште е местото каде што припаѓа.
„Не се враќам затоа што заборавив зошто сакав да заминам. Се враќам затоа што сфатив зошто никогаш не можев целосно да се откажам. Затоа што сè уште имам нешто да дадам“, порачува Варадинова.
Штипската кикбоксерка истакнува дека овојпат не се враќа во рингот само поради медал, туку и поради секоја капка пот, секоја болка и сите моменти кога размислувала да се откаже, но сепак продолжувала понатаму.
За неа, рингот никогаш не бил само место за борба, туку простор во кој се граделе нејзиниот карактер, дисциплина и верба во сопствените можности.
Варадинова упати и благодарност до тренерите на репрезентацијата, селекторот и сите оние кои продолжиле да веруваат во неа.
Сега пред неа е нов предизвик, а во ноември повторно ќе има можност да го покаже својот квалитет на европската сцена, овојпат со уште поголема мотивација и јасна цел – достоинствено да ја претставува Македонија.