
Клубовите кои се натпреваруваат во женската ракометна лига ги градат ростерите за новата сезона со цел остварување на зацртаните цели.
Астибо за новата сезона ја задржа искусната Марија Анчева, која останува верна на клубот и во новата сезона ќе настапува за клубот од градот под Исарот.
Анчева е искусна ракометарка која сезони наназад е најдобар стрелец без конкуренција во лигата и постојано ги полни мрежите на противниците.
Минатата сезона Астибо направи голем историски успех, најголем во клупската историја откако за првпат се пласираше во плеј-офот, каде играше со најдобрите екипи во Македонија, а секако дека зад овој голем успех стои искусната Анчева.
Во својата кариера Анчева покрај за Астибо има настапувано за Гевгелија, Кожувчанка, Овче Поле СУ и за екипата на Пелистер, а со битолскиот тим настапуваше и во Европа.
Како што претходно информиравме од Астибо си заминаа Елена Вучевска, Наталија Манева и Анастасија Сентовска кои во новата сезона ќе го носат дресот на Овче Поле СУ од Свети Николе.
Инаку, Анчева влезе и во тренерските води, а искусната ракометарка бележи и на оваа поле големи резултати, откако со пионерската екипа на Астибо стигна до „фајнл-фор“ турнирот што е уште еден голем успех за женскиот ракомет во градот под Исарот, а тоа значи дека Астибо има иднина, а Анчева го пренесува своето знаење и одлично работи со младите ракометарки.
Управата на Астибо работи на ангажман на нови засилувања за новата сезона и се очекува во следниот период да бидат и официјално претставени новите засилувања.
Александар Ванев, М-Нет