Изложбата на фотографии од отец Гаврил вчера беше отворена во штипскиот Безистен

Во родниот Штип вчеравечер беше претставена изложбата „Во мир и тишина – фотографски записи на еден монах“ од отец Гаврил. Присутните во штипскиот Безистен можеа да видат вкупно 74 фотографии, кои претежно се амбиенти од Австралија, каде тој е игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, при австралиско-сиднејската православна епархија, но има и такви кои се македонски пејзажи.

„Со самиот на изложбата „Во мир и тишина“, пораката е таа. Пред сѐ, сликите се природа, а прек природата се насладуваме и се конектираме со Бог Создателот, а преку Него ги добиваме тие мир и тишина коишто посебно ни се потребни во ова време нам. Преку нив сакам да пратам порака до сите оние кои ќе ја разгледаат изложбата, тој мир и таа тишина да ги примат и тие во своите срца, во своите мисли, во својот живот“, вели отец Гаврил.

Љубовта кон уметноста воопшто му се јавува во манастирот Водоча, но љубовта кон фотографијата се раѓа во новите околности и услови за живеење во Австралија. Уметничкиот сенс го свртува кон фотографијата и со тоа ги поврзува желбата за уметност, љубовта кон природата и богољубието. Ова е втора изложба на фотографии на отец Гаврил, по првата во Струмица, каде се одржа во организација на Фондацијата „Елеуса“.

„Малку е чудно за свештено лице да се бави со фотографија, меѓутоа тоа мене ми е хоби и е израз на мојата желба кон уметноста, мојата страст кон уметноста. Кога бев во Водоча, кога живеев во манастирот, туку почнав со иконопис, меѓутоа кога дојдов во Австралија, условите за иконопис ги немав, па така некако мојата уметност ја насочив кон фотографијата и така се роди желбата“, додава тој.

Има уште неколку најави за следни патувања на оваа изложба, која во следна прилика би можела да се најде и во други градови од Македонија. Станува збор за хуманитарна изложба, во која средствата собрани од продажбата на фотографиите се наменети за хуманитарни цели за помош на деца и возрасни со посебни потреби.

Ребека Спасова М-Нет