Матурантите во Штип без проблеми на втор дел од Државна матура, најмногу полагаа Англиски јазик

Навреме и без никакви проблеми започна полагањето на вториот екстерен предмет од Државната матура во Штип. Матурантите со почеток од 10:00 часот полагаа еден од предметите кои им беа на располагање за избор, а и полагањето на вториот предмет помина со надзор од претставници од Министерството за внатрешни работи со цел безбедност на учениците.

„Како што сум информиран, во првиот дел немало никаков проблем, а и денес нема никаков проблем. Тестаторите дојдоа навреме, материјалот е пристигнат од страна на надлежните институции и полагањето е започнато навреме, во тек е, сѐ се одвива тековно без никакви проблеми“, истакна Марјан Арсов.

Во штипската Гимназија матурата ја полагаат 146 ученици, во средното медицинско училиште вкупно 184, СОУ „Коле Нехтенин“ има 145, а само тројца се од средното текстилно училиште. Од вкупниот број матуранти во сите училишта на ниво на Штип, 435 го полагаат предметот Англиски јазик, 9 го полагаат предметот Германски јазик, а Математика полагаат 34 ученика. И во останатите училишта матурата се спроведува без проблеми.

„Во Гимназијата моментално полагаат 146 матуранти, од коишто 125 полагаат Англиски јазик, 13 полагаат Математика и 9 полагаат Германски јазик. Резултатите од овие полагање на државната матура ќе бидат по месец дена од денешниот ден или околу 10 јули“, додава Арсов.

Според податоците на Државниот испитен центар, праксата најмногу да има пријавени за полагање Англиски јазик се повторува и на ниво на цела држава. Овој предмет го полагаат 13.992 ученика, Математика полагаат 1.397, а Германски 122. Во некои од училиштата се полагаат и Естетика, Филозофија, Француски и Руски јазик. Вкупниот број ученици кои полагаат некој од овие четири предмета е 239.

За полагање на државната матура во јунскиот испитен рок годинава беа пријавени 15.620 матуранти. Од нив, 6.750 се од гимназиско образование, 8.598 од средно стручно и 272 од средно уметничко образование.

Првиот екстерен предмет го полагаа на 27 мај, а оние кои во јуни нема да ја положат матурата или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската испитна сесија, на 9 и 11 август.

Ребека Спасова М-Нет