
Изгаснат пожарот на штипската депонија Трештена скала. Штипските пожарникари и ЈП „Исар“ го спречија димењето на депонијата во временскиот рок кој им беше даден од Државниот инспекторат за животна среднина по вонредниот надзор. Директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, вели дека дел од работата е завршена, а ќе се продолжи со расчистување на отпадот.
„Завршивме 90% од работата, пожарот на депонијата веќе е изгаснат. Утре изутрина ќе почнеме со акција за расчистување на отпадот. Во временскиот рок сме и ќе постапиме согласно со решението од Државниот инспекторат за животна средина.“ – истакна Здравков во телефонски разговор за М-Нет Телевизија.
Пред четири дена инспекцискиот надзор извршен врз основа на испратени претставки до Инспекторатот, утврди расфрлан отпад надвор од просторот за депонирање или депониското чело без контрола за неговата точна локација во депониското чело. Со решение беа дадени и временски рокови за санирање на ситуацијата со депонијата.
„Со Решение како втор акт во инспекциска постапка правниот субјект е задолжен:
-Во рок од седум дена ЈП „Исар“ Штип да го спречи димењето на отпадот во нестандардната депонија Трештена скала и во иднина да врши континуирана контрола за да не се појавува повторно димење. На ЈП ,,Исар” Штип дадено е рок од 30 дена и да го дислоцира отпадот кон главното депониско чело, бидејќи депониското чело не почнува од пределот каде што е поставена зелената капија, туку повнатре после бетонските ѕидови од некогашна гаража каде се машините за потребите на нестандардната депонија.“ – се вели во соопштението на ДИЖС.
Проблеми со депониите нема само во Штип, туку и во останатите градови од земјава каде жителите се жалат на чад и изглед на ниво на ѓубришта. Источниот и Североисточниот регион решениетот на проблемот го гледаат во изградба на современа фабрика за отпад во близина на селото Мечкуевци, општина Свети Николе. Во моментов се прави техничка документација за затворање на сите депонии во двата региона, а избрана е и фирма за истото. Проектот се финансира со пари од фондовите на Европската Унија.
Ребека Спасова М-Нет