
Матурантите со повисока средна оценка на овогодишнешната матура. Државниот испитен центар ги испрати првичните резултати до училиштата, а напладне ги објави и на интернет страницата, каде секој кандидат може да ги види со електронска најава.
„Средната оценка на екстерните испити од прелиминарните резултати е 3,78 и е повисока во однос на минатата година кога изнесуваше 3,61. Следува период на приговори – заклучно со 5 јули учениците може да поднесуваат приговори во училиштата. Резултатите од приговорите ДИЦ ќе ги објави на 11 јули. Увидот во тестовите лично од кандидатите ќе биде на 13 јули во ДИЦ со претходна најава и закажување термин телефонски на 12 јули.“ – напоменуваат од ДИЦ, од каде резултатите ги објавија 12 дена порано од законскиот рок.
Државната матура оваа година се реализираше со два ектерни, два интерни предмети и проектна задача, како и скратени испитни програми. Првиот екстерен и задолжителен испит – Мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) кандидатите го полагаа на 4 јуни, а на 13 јуни го полагаа вториот екстерен предмет кој е изборен од предметите математика, странски јазик, естетика и филозофија.
„Учениците ќе може да направат увид во тестовите лично на 13 јули во просториите на ДИЦ, по претходна најава и закажување термин телефонски на 12 јули. За сите дополнителни информации матурантите може да се информираат од училишните матурски комисии во своите училишта и на matura.gov.mk“, додаваат во испитниот центар.
Полагањето на државна матура во јунската сесија го пријавија 15.899 кандидати, од кои 7.135 од гимназии, 8.504 од стручни и 260 од уметнички училишта. Матурантите кои не ја положиле државната матура или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 10 и 12 август.
Ребека Спасова М-Нет