Играта „Бочија“ за лицата со попречености станува популарна, запознаени се околу 400 лица

Вкупно тринаесет топки, шест црвени, шест сини и една бела, а главната цел топките во боја да се фрлат што поблиску до белата – вака наједноставно може да се објасни параолимписката игра „Бочија“. Играта кај нас е достапна од 2015 година, но развојот сѐ уште оди тешко. Македонската асоцијација за Бочија сега врши тренажен процес кој вклучува претставување на играта и обука на тренери во околните градови, како Делчево, Радовиш, Струмица и Виница, обезбедени се услови и сетови од играта, а со цел да се утврди нивото на прифатеност на играта се организираат и неформални натпревари.

„За таа цел ние пишувавме доста проекти, учествувавме на многубројни настани во Македонија, во различни градови, со цел да ја афримираме, да ја покажеме играта. Понатаму, продолживме со еден тренажен процес во институциите коишто опфаќаат лица со телесна попреченост, јас и моите колеги коишто сме официјални инструктори. Опфативме една целна група од околу 15 градови во Македонија и 300 – 400 лица веќе се запознаени со играта Бочија. Им доделивме сетови од играта, коишто претходно успеавме да ги набавиме, затоа што е многу тешко да се набави оваа опрема“, вели Здравков.

По тренажниот процес, стремежот е да се оформат шест клуба, што ќе овозможи натпреварување на државно ниво за потоа земјава да има и свој претставник на параолимписките игри.

„Се надевам дека развојот на играта ќе продолжи до тоа ниво што веќе ќе формираме шест клуба, коишто се неопходни за да имаме лига-систем на натпреварување, но за сето тоа треба да се исполнат повеќе услови. Треба да имаме обучени судии, треба да имаме тренери, простор каде ќе се игра и треба сите лица со телесен инвалидитет коишто сакаат да се занимаваат со оваа игра да го поминат процесот на селекција, односно идентификување на телесната попреченост за да може да се натпреваруваат во соодветно ниво“, додава Здравков.

Едноставните правила на играта „Бочија“ овозможуваат таа да биде алатка за отворање на вратите лицата со попреченост да ги покажат своите способности. Параолимписката игра обединува 50 земји во светов, а во земјава првпат се презентираше во Делчево од страна на претставници од Полска.

Ребека Спасова М-Нет