Зрновци има природни богатства и можност за селски туризам, ама основните услови за живот се на ниско ниво

Зрновци е мала општина во подножјето на Плачковица со чиста еколошка средина со големи можности за селски туризам. Во таа насока дислоцирани се сите депонии коишто во минатото ја загадуваа Зрновска река. Природата и можностите се едно, но праксата е друга, па Зрновци речиси и ја нема на туристичката мапа во тој поглед. Градоначалникот, Борчо Коцев, вели дека ќе се поднесе иницијатива за урбанизација на една викенд-населба на падините на Плачковица, бидејќи веќе постојат повеќе барања за изградба на викенд-куќи.

„Ние најпрво размислувавме за изградба на камп-простор, имајќи предвид дека од границата со Бугарија, па до Штип или Велес нема таков простор, а имало случаи кога со камп-возила поминувале тука и државјани на Холандија или некои други земји. Овде може да се развие и рурален туризам со тоа што со донесување на сите подзаконски акти секое едно семејство кое може да вложи, може да се регистрира од страна на Општината и Агенцијата за промоција и развој на туризмот“, вели Коцев.

За туристичката понуда потребни се и туристични атракции, но не може Зрновци да има авантуристички парк, кога основните услови за живот се на ниско ниво, вели Коцев. За жал, во моментов се работи на водоводна и канализациска мрежа, како и патна инфраструктура. Тоа е и една од причините што на Зрновци како општина ќе ѝ треба многу време да се најде на туристичката мапа.

„Овие две години се посветивме на проекти коишто ќе ги подобрат секојдневните услови за живот. Срамота е во 21. век да разговараме за нереализирани проекти во делот на водоводна инфраструктура, канализациска инфраструктура, но, за жал, таа е реалноста. Потребно ни е економско јакнење, здрава животна средина и нов урбан лик на населените места“, додава Коцев.

Зрновци изобилува со природни богатства. Зрновска река е прво наоѓалиште во Македонија каде е регистриран нордско-алпски вид на микрофлора кој е распространет во Исланд, Финска, Норвешка, на Алпите и Пиринеите. По должината на реката има повеќе излетнички места и чешми со исклучително ладна и квалитетна вода, постои природен воден базен, а значајно е и постоењето на ендемската речна пастрмка и речниот рак.

Ребека Спасова М-Нет