
Сертификат за квалитет, златен медал за ливадскиот мед доби штипјанецот Перо Георгиев на „Агро саем Струмица“, а во рамки на натпреварот за избор на највкусен мед „Меден балкан“. Во конкуренција од над 40 штанда со мед, медот на Георгиев е сертифициран како исклучително квалитетен, а со претходни испитувања. Добар квалитет значи и добра оцена за производителот, вели тој.
„Конкуренцијата беше голема, меѓутоа тие објавија дека ќе има „Агро саем“ во Струмица, а ние носевме мостра за да се испита медот лабораториски. Тоа се случи околу 12 октомври, а Саемот се одржа на 21 октомври. За тоа време тие го испитуваат медот и донесуваат одлука во однос на квалитетот и ни се доделуваат сертификатите, пофалниците, медалите“, објаснува Георгиев.
Прополис, поленов прав и квалитетен ливадски мед се дел од производите кои ги нуди Георгиев. Со пчеларството се занимава 45 години и вели дека приносите се сѐ послаби, но може да се погоди и добра година. Луѓето знаат дека медот е многу полезен, вели тој, и го земаат за зајакнување на имунитетот.
„За тешко… Годините веќе сами се изменија, не е како што беше порано и како што се чувале пчелите. Годините самите си прават промена, младите и старите не се исто. Истото важи и за пчелата. Приносите кај нас во штипското поднебје се такви што во три-четири години еднаш може да се погоди годината да биде доходовна, а инаку се е послабо и послабо. Штипското поднебје е погодено ако проврнува и шестиот месец е најдоходовно за пчеларството “, вели Георгиев.
Медот го продава по цена од 600 денари. Георгиев вели дека во моментов цената е реална, иако во Западна Македонија се продава и по цена од 800, па и до 1000 денари. Исплатливо е, но е многу тешко, посочува Георгиев, особено поради тоа што штипскиот регион нема основано здружување на пчеларите.
„Ние тука лекови немаме, набавуваме од Србија, амбалажа набавуваме. Тука во Македонија некако слабо се одржува пчеларството. Штипскиот регион, пак, е најнеуреден. Ние прво немаме пчеларско здружение. Формиравме, ама секој си гледа своја корист и тоа пропадне“, заклучува Георгиев.
Агро саемот Струмица се одржува по третпат. Главна цел е промоција домашното производство и зајакнување на соработката и довербата помеѓу сите кои се вклучени во синџирот на земјоделско производство. Годинава учество зедоа 150 изложувачи од земјава и странство со 40 штанда храна, 40 штанда мед, трактори и приклучна механизација, ѓубрива и заштитни средства.
Ребека Спасова М-Нет