И светиниколските пензионери на протест, останува барањето за линеарно покачување на пензиите

Околу 5.000 денари за дрва и уште толку за месечно плаќање сметки, на крајот останува колку само да се преживее. Со барања на мирен протест излегоа и пензионерите од Свети Николе. Велат, единствени се во барањето за повисоки пензии за 3.500 денари и бараат подостоинствен живот. По првиот самоорганизиран мирен протест во четвртокот, веќе од денес се најавуваат и поорганизирани и помасовни протести на пензионерите во државата.

„И ќе дадам одма еден пример. Еве, овде еден пензионер со 12.000 денари, ако покачувањето е 6%, има покачување од 720 денари. Тој човек треба да плати шест месеца дрва по 5.000 денари секој месец, му остануваат другите пари за храна, а мора да плати и сметки кои чинат 5.000 оти 3.000 е струја, 2.000 се комуналии итн. Остатокот му е за да јади или за лекови. Затоа не сакаме да ги одвојуваме и тие коишто се со повисоки примања. Сите заедно да можеме линеарно да опстанеме, да можеме да преживееме оти ова е веќе преживување кај нас“, велат пензионерите.

И пензионерите од Свети Николе посочија на покачувањето од 6%, кое го најавува Министерствтото за труд и социјална политика, а кое за нив е многу мало. Велат дека ваквите минимални покачувања не соодвестуваат со животниот стандард.

„Министерката нека излезе на телевизија и нека каже зошто од 2017 година ни рачуна 46% покачување на пензиите. Па нека рачуна и за неа од 2017 година колку има покачено, а не преку ноќ 80%, а нам од 2017 година. Имаше пандемија, колку покачувања имаше? Ќе ѝ ги дадеме нејзе 6%, плус нека има за да ѝ стигнат“, вели пензионерка.

„Ги оставија пензионерите со 14.000 денари. Дали за лекови, дали за храна, дали за облека? Што да прави тој човек?“, вели еден од пензионерите.

Минатата недела на мирен протест излегоа и пензионерите од другите градови во Истокот, како Штип и Кочани. Во Македонија има вкупно 339.000 пензионери и повеќе од половината од нив се со ниски пензии.

Ребека Спасова М-Нет