
Мајчиното млеко е идеална храна за новороденчињата, потсетуваат медицинските лица по повод Светската недела на доењето. СЗО препорачува мајките да започнат со доење во првиот час од раѓањето и децата да бидат исклучиво доени во првите шест месеца од животот, што значи во тој период да не им се дава друга храна или течности, вклучително и вода. Д-р Валентина Златковска од штипскиот Оддел за неонатологија при Клиничката болница посочува на повеќето придобивки кои од доењето ги имаат и бебето и мајката.
„Треба мајките да бидат припремени, треба да знаат оти мајчиното млеко е најдобро, уникатно, неспоредливо со адаптираните млека. Има бенефити и за мајката и за децата, за децата е тоа што имаат оптимален раст и развој со мајчиното млеко. Мајчиното млеко значи имунитет, значи заштита, антиалергиски фактори има, се воспоставува психолошка врска мајка – дете. Се унапредува и здравјето на мајката, влијае на менталниот статус на мајката, а жени кои дојат помалку заболуваат од малигни болести, и на града и на овариуми“, истакна Валентина Златковска, началник на Одделот за неонатологија во КБ Штип.
Нема одредена граница кога треба да се престане со доењето, вели д-р Златковска. Меѓутоа, таа посочува дека одвикнувањето не треба да се случи во летниот период и мора да биде постепено.
„Одвикнувањето од доење по шестиот месец постепено со дохрана, со внесување храна, последователно на две – три недели нова храна, се почнува тој процес. Меѓутоа, и гаснењето на хормоните е многу постепено. Светската здравствена организација дури препорачува и многу подолго отколку претходно, дури и две години доење. Не ставаме некоја граница, меѓутоа сето тоа треба да биде постепено, да не трпат децата од тоа. Постои таа психолошка врска помеѓу мајката и детето и затоа треба да биде постепено. Да не биде во летниот период, кога се цревните инфекции, бидејќи имунитетот е поголем, заштитата од мајчиното млеко е поголема“, додава Златковска.
Светската недела на доењето се одбележува секоја година од 1 до 7 август, а оваа година се одбележува под мотото „Да го овозможиме доењето! Да им помогнеме на вработените родители!“. По овој повод Институтот за јавно здравје изготви и објави и „Водич за доење“, кој е достапен на нивната веб-страница.
Ребека Спасова М-Нет