
Започнува да се раздвижува трансфер пазарот и во женскиот фудбал во Македонија со што започнуваат промоциите на првите засилувања за новата сезона во Првата, но и Втората женска фудбалска лига.
Новиот прволигаш ЖФК Кочани го претстави првото засилување за новата сезона, се работи за младата и талентирана Марија Велиновска, која доаѓа од редовите на Фудбалс Старс и ќе биде вистинско освежување во редовите на тимот предводен од Оливер Јовановски.
Кочани се врати во Првата лига по нколку години пауза, откако минатата сезона стана шампион во Втората лига и со тоа од следната сезона ќе биде дел од елитата.
Прволигашот Каменица Саса остана без две фудбалерки за новата сезона, откако Елма Шемсовиќ и Стефанија Перканоска решија да го напуштат тимот од малото рударско гратче и кариерите да ги продолжат во нови средини.
Според нашите информации двете фудбалерки веќе имаат нови клубови, а во следниот период ќе следува и нивна официјална промоција.
26-годишната Шемсовиќ е нова фудбалерка на ЖФК Истатов, а низ својата кариера има настапувано и за Скопје и Борец, додека пак Перканоска е ново засилување на ЖФК Атлетико од Битола, а има настапуван и за Цевитана од Прилеп.
Кај второлигашите засега најактивен е ЖФК Билјанини Извори од Охрид, поранешниот шампион на Македонија следната сезона ќе цели кон шампионскиот пехар и враќање во елитата.
Досега во ЖФК Билјанини Извори беа претставени неколку засилувања со кои ќе се подига квалитетот. Станува збор за 18-годишната Зорица Бојкова, потоа Мелани Крстовска, Јана Ацковска и Ивана Николовска, а во следниот период се очекува уште неколку квалитетни засилувања.
Александар Ванев, М-Нет