За Тупанчески мотивирачки, за Мицкоски понижувачки што земјава е на 85. место за корупција

Не доволно, но е мотивирачко за министерот за правда, Никола Тупанчески, што земјава е на 85. место за нивото на корупција според извештајот на „Транспаренси интернешнл“. Тој вели дека подобрувањето за неколку места нанапред е позитивно нешто, но треба уште многу да се работи.

„Во зависност од диоптријата што ја имаме, во зависност од перцепцијата коментираме за она за што се произлезе „Транспаренси интенешнл“ во однос на индексот за перцепција на корупција. Формално-правно земено, ние имаме подобрување на состојбата за неколку места и тоа е за поздравување. Дали е доволно? Не е доволно, меѓутоа самиот чин или податок дека имаме позитивно поместување, дава надеж дека некои работи се поместиле во позитивна смисла на зборот. Меѓутоа, ако ме прашате мене како министер, ќе кажам дека треба уште многу да работиме за подобрување на состојбите на тој план, ова е само мотивирачки“, истакна Тупанчески.

Лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, апелира Тупанчески да не дава недвосмислена поддршка на Али Ахмети и Артан Груби, туку да се посвети на тоа да ги воспитува студентите на европски вредности. За него е понижувачко тоа што сме во друштво со Тунис и Индија.

„Ако за министерот за правда и мој колега од УКИМ е мотивирачки да сме во друштвото на Суринам, Тунис и Индија, за мене тоа е девастирачко и понижувачко. Се надевам дека нашите студенти не ги воспитуваме и учиме на вредностите на Тунис, Суринам и Индија, со сета почит кон тие држави, туку на вредностите коишто ги споделува Европската Унија. Уште еднаш покажува политичка незрелост оваа Влада и со тие позиции коишто ги рефлектира дополнително го обесхрабрува македонскиот народ. Ние сме држава со висока корупција, висок криминал, за жал“, вели Мицкоски.

Земјава е рангирана на 85. место од 180 држави со 40 индексни поени на Индексот на перцепција на корупција за 2022 година, што беше објавен вчера. Во најновиот извештај сме рамо до рамо со Тунис и Индија и бележиме пораст од само две места од минатата година.

Ребека Спасова М-Нет