За СДСМ Штип реакцијата на Јорданов е обид неспособноста да се прекрие со глумење жртва

За ОО на СДСМ Штип, пак, реакцијата на градоначалникот за недостигот на кадар во градинките е обид за прикривање на неговата неспособност и неспособноста на лицата поставени од него. Во писмено соопштение напишаа оти ова е глумење жртва.

„Очигледно дека револтот на родителите за состојбите во градинките е сѐ поголем и е резултат на нестручно раководење со истите и немањето способност да се организира работењето на градинките. Во изминатите години беа инвестирани рекордни средства во подобрување на условите во овие установи, по 40 години се изгради нова градинка со што целосно се реши проблемот со сместувачки капацитети за децата во Штип. Динамиката на вработување во истите е согласно со законските прописи и плановите за вработување, а воедно се обезбедени и бројни проекти преку кои дополнително се ангажирани лица во овие образовни институции.“ – стои во реакцијата на СДСМ Штип.

Оттаму му порачаа на Јорданов да се зафати за работа, но и да ги санкционира одговорните лица за состојбите во институциите кои ги раководат, во кои, како што пишуваат, има само криминал за кој веќе се водат постапки, а за кој со провидни ПР потези вината ја префрла на друг.

Ребека Спасова М-Нет