Паунов: АХВ ја одби локацијата кај селото Горно Трогерци за јама во која ќе се закопаат свињите

Агенцијата за храна и ветеринарство ја одби локацијата кај селото Горни Трогерци за јама во која ќе бидат закопани еутанизираните свињи, информираше градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов. Откако пристигна Дописот од Агенцијата, мнозинството советници на вонредна седница ја одреди оваа локација за да се закопаат околу 9.000 свињи од фармата кај село Таринци, во која имаше случаи на болеста африканска чума. Од АХВ, вели, и понатаму остануваат на ставот дека за нив е погодна локацијата помеѓу селата Таринци и Нов Караорман.

„Она што АХВ го донесе како крајна одлука, а тоа стои и во Записникот од МЗЖШ кон АХВ и АХВ со Заклучок го донесе, е дека локацијата ја одредуваат тие, тоа е локацијата којашто првично започнаа да ја копаат без никакви документи. Последниот став е дека остануваат на таа локација којашто ја одбрале тие“, вели Паунов.

Градоначалникот и жителите се против копање јама на оваа локација. И претходно посочија дека тоа ќе го поремети нивното секојдневие имајќи предвид дека локацијата е блиску до две населени места. Паунов вели дека овде треба да се отвори и прашањето, како е дозволена појавата на болеста во ваква фарма.

„Сакам да го истакнам мојот револт како жител и градоначалник на Општината, а граѓаните се секогаш мојот прв интерес. Институциите можат да предизвикат штетни влијанија, со штетни одлуки, но овде сакам да го наметнам и прашањето зошто се дозволи и како оваа болест дојде во една огромна фарма за свињи, којашто е на територија на општина Карбинци“, додава Паунов.

На прашањето дали политиката ја копа јамата, Паунов вели дека треба да се согледаат фактите. Посочува дека едната локација нема да наштети никому, а тие ја одбираат другата, каде живее поголем број од населението во општината.

„Ајде, да ги гледаме фактите. Ние даваме локација кадешто 1 – 1,5 километар нема население, нема живот, нема никакви објекти коишто би можеле да се загрозени, ниту подземните води, ниту околината, а тие даваат локација којашто е на 500 метри од Индустриската зона, од Нов Караорман и околу 800 метри од селото Таринци“, заклучува Паунов.

Градежните работи на локацијата помеѓу населените места Таринци и Нов Караорман почнаа во четвртокот, а месното население со протест ги стопираше градежните машини. Треба да се закопаат околу 9.000 свињи од приватна фарма, каде десетина беа заболени.

Ребека Спасова М-Нет