
За една до две недели ќе завршат административните и финансиски постапка за продолжување на изградбата на новата зграда на Клиничка болница-Штип, како и за изградба на нов објект за Медицинскиот факултет, а веднаш до него и Студентски дом. Вака одговори министерот за здравство Азир Алиу одговарајќи на пратеничкото прашање, за кога ќе продолжи доизградбата на Клиничка болница-Штип. Алиу од говорницата на македонското Собрание посочи дека за оваа Влада здравствената инфраструктура е многу значајна.
„Министерството за финансии има направено барање до финансиските институции. Така да за многу кратко мислам дека за една недела или за две ќе заврши оваа административна и финансиска постапка, каде што ние како Влада ќе ги инвестираме некаде 109 милиони евра само во Штип. Градејќи една инфраструктура која му е потребна на целиот регион. Освен Клинички центар, имаме и едукативен дел, бидејќи ќе има објект за Медицинскиот факултет и Студентски дом. Со оваа инфрастуктура убеден сум дека во Штип ќе имаме Клинички центар, кој што освен што ќе дава здравствен услуги, ќе има и едукативни услуги.“ – рече Алиу.
Тој додаде дека паралелно со ова работат и на воздигнување на вредноста и зголемување на капацитетот на лекари и медицински персонал.
„За многу кратко време ќе дојдат и измените во законот за здравство, тука во Собранието, со цел да направиме реадаптација врз основа на перформансите и европските директиви.“ – вели Алиу.
Министерот Алиу, посочи дека за обезбедување на средства за здравствената инфраструктура се потпиша и меморандум меѓу Владите на Македонија и Велика Британија.
Иван Митев, М-Нет