
Детски насмевки, новогодишна елка, песни и промоција на хумани вредности е резултатот од денешниот Новогодишен базар во Штип. Како дел од програмата настапија децата од детските градинки, децата од Фестивалот „Весело штурче“, беше изведена детска театарска претстава од актерите од Штипскиот театар, а се поделија и пакетчиња и најмалите можеа да се фотографираат со Дедо Мраз. Целиот настан беше пропратен со аниматори, но за децата најинтересно беше китењето на новогодишната елка, за која реквизитите сами ги изработуваа.
Во рамки на Базарот на десет штандови на Плоштадот „Слобода“ се продаваа пијалоци и рачни изработки, што претежно имаше хумана цел. Парите од некои од штандовите ќе се донираат за лица од социјален ризик.
„Црвен крст и оваа година се дел од Новогодишниот базар, нашите волонтери изработија персонализирани честитки, а собраните средства ќе бидат донирани, односно ќе се купуваат прехранбени продукти коишто ќе бидат доделени на лица од социјален ризик. Да, ние сме задоволни, граѓаните и оваа година ја покажаа својата хуманост“, истакна Ангела Ѓуркова, волонтер на Црвен крст – Штип.
Од детската креативност и радосните лица задоволен е и градоначалникот, Иван Јорданов, кој беше дел од китењето на новогодишната елка. Тој се надева од ова како традиција ќе продолжи и следната година, особено поради фактот дека живееме во време на кое сите ни треба излез од секојдневните обврски и другарување.
„Ќе има доста аниматори, богата програма, предновогодишно многу детски насмевки. Она коешто мене ме радува е тоа што ја мотивиравме и поттикнавме детската креативност за заеднички со најмладите генерации да ја украсиме новогодишната елка. Прекрасен ден, прекрасна можност за дружба и многу детски насмевки, насмеани лица онака како што доликува на амбиент пред Нова година“, истакна градоначалникот.
Новогодишниот базар во Штип во организација на Општина Штип се одржува втора година по ред и истиот, како што велат од таму, е посветен на сите граѓани, но најмногу на најмладите.
Ребека Спасова М-Нет