
Денес католиците, протестантите и дел од православните христијани кои го прифатили грегоријанскиот календар, го слават Бадник, ден пред Христовото раѓање – Божиќ. Празникот означува бдеење во молитва, при што празнувањето започнува во семејството, а продолжува во Црквата. Верниците стапуваат во заедништво со Христос – Богомладенецот, кој е Синот Божји, роден во Витлеем.
„Денес е Бадник. Самиот збор Бадник значи „да се биде буден“, „да се бдее“, „да се биде спремен“ за раѓањето на Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, кој ние со нетрпение го чекаме. Навистина, Бадник е важен за сите нас христијани, за нашата црква, нашата заедница и фамилија и треба навистина да сме радосни. Бадник нѐ води кон Рождеството на Исус Христос, нѐ води кон Витлеем, а сите ние овие денови сме на пат кон Витлеем, каде што се роди нашиот Спасител. Се исполнија зборовите коишто пророкот Исаија ги искажа уште во Стариот завет – „Ете, девица ќе зачне и ќе роди Син и ќе Му се даде име Емануел, што значи Бог е со нас““, вели отец Тони Ангелов.
Во Католичката црква во Штип полноќната божиќна литургија ќе започне денес во 20 часот, а на Божиќ утринската литургија е од 20 часот. На 21 декември таму беше одржан и традиционалниот Божиќен концерт.
„Во Витлеем се роди Исус Христос, гледаме овде пештера, имаме пастири, мудреци, ангели, кои Му се поклонија и Му пееја со песната – Слава на Бога во висините, на земјата мир, меѓу луѓето добра волја. Еве, ова време навистина е да се сакаме, да имаме мир, радост, љубов, благосостојба и тоа се Божјите вредности. На сите христијани им посакувам среќни и благословени божиќни и новогодишни празници“, додава Ангелов.
Преостанатиот дел од верниците, меѓу кои е и Православната црква, празнуваат според јулијанскиот календар, според кој Христовото раѓање ќе го прослават по две недели, на 7 јануари.
Ребека Спасова М-Нет