
Второлигашите Новаци и Детонит Плачковица интензивно работат на зајакнување на своите ростери во пресрет на пролетниот дел од сезоната, со јасен фокус на комбинација од младост и искуство.
Новаци во своите редови доведе две нови имиња. Прво засилување е младиот Стефан Секирски роден 2008 година, фудбалер со настапи за репрезентацијата до 17 години, кој доаѓа од Беласица и веќе е на располагање на тренерот Дарко Крстески. Тој настапуваше за младинските категории во Пелистер и Беласица, а токму во струмичкиот клуб дебитираше во Втората лига.
Второто зимско засилување е левиот бек Мартин Пивковски, повратник во клубот, кој доаѓа од Детонит Плачковица, а има настапувано и за Кожуф, а ги помина младинските категории на Брера Струмица. Со овие потези, клубот јасно покажува дека паралелно мисли и на резултатот и на иднината.
Активен е и Детонит Плачковица од Радовиш, кој официјално потврди неколку трансфери и го освежи составот за продолжението на сезоната. Во Радовиш се врати искусниот Тони Мирчевски, кој доаѓа од Слога Виница, тој беше дел од генерацијата која играше бараж против Вардар за Прва лига, а претходно настапуваше и за радовишка Плачковица беше дел од Воска Спорт од Охрид, штипска Брегалница, Борец, за Брегалница од Делчево, Скопје, Вардар и Цементарница 55.
Радовишани имаат и нов голман – се работи за Павел Петревски, пристигна и Љупче Христовски од Слога Виница, кој пак беше дел од Беласица и младинските категории на Брера Струмица, а радовишани го имаат и младиот Омер Сулејмани кој доаѓа од Македонија ЃП.
Со овие засилувања, двата второлигаши најавуваат амбициозна пролет, во која ќе се обидат да го задржат или подобрат пласманот во Втората лига.
Александар Ванев, М-Нет