
Во тек е теренската вакцинација во руралните средини за ревакцинација на граѓаните кои примиле прва доза вакцина. Но и покрај тоа што медицинските тимови подготвуваат дози вакцина и ги посетуваат тамошните места, граѓаните доаѓаат во Здравствениот дом за истото. Затоа, како што рече доктор Александар Стојанов, од Здравствениот дом апелираат на трпеливост и ветуваат дека сите ќе бидат вакцинирани и посетени.
„Сакам да апелирам до граѓаните коишто се од руралните места да не доаѓаат за ревакцина во Здравствениот дом, затоа што има екипа која оди во руралните места и сите ќе бидат ревакцинирани. Нема потреба да доаѓаат во Здравствениот дом, бидејќи има екипа којашто оди на места, дали во просторија некоја или во училишта“, рече Александар Стојанов, заменик координатор за вакцинација.
За вакцинацијата на деца, пак, заинтересираноста сè уште е мала. За денес се закажани само 20 деца над 12 години. Тие редовно се пријавуваат преку сајтот вакцинација.мк, но во мал број.
Инаку, во Штип, како град меѓу оние со најголем опфат на вакцинирани, вакцинацијата се одвива непречено. Од почетокот на месецов и прва доза и ревакцина се прима во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“, кој работи во две смени.
„Денес имаме околу 150 закажани ревакцини, а и нови внесови. Вакцинираме со „Фајзер“, „Синовак“ и „АстраЗенека“. За утре се очекува зголемена бројка, околу 200 пациенти да се вакцинираат“, додаде Стојанов.
Медицинските лица велат дека фреквентноста на граѓаните е сепак поголема во текот на првата смена, односно во раните утрински часови. Причините за ова се топлотниот бран кој овие денови ја зафати нашата земја, како и неинформираноста на граѓаните за работата во две смени.
Сега таму достапни вакцини се „Фајзер“, „Синовак“ и „АстраЗенека“, но која вакцина ќе се аплицира зависи од претходна консултација со матичен лекар или специјалист. Тој ја утврдува состојбата на пациентот, па врз основа на истата одредува вакцина која нема да предизвика критични индикации кај него.
Засега има доволно вакцини, а постојано се врши и достава на истите од надлежното Министерство. Според информации од Министерството за здравство, досега вкупно се аплицирани 932.603 дози вакцини, а ревакцинирани се 409.186 граѓани.
Лаура Стојанова МНет