
Пожарникарите ставени во несекојдневно одговорна работа, а државните органи не се грижат за нивната добробит, обвинуваат од Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија при ССМ. По алармантната ситуација со пожарите кои беснеат веќе неколку дена на територија на државата, се постави прашањето за подготвеноста и одговорноста на државните органи во вакви кризни ситуации. Но од НСПМ велат дека многу повеќе неправедно е да не се покренува прашањето за статусот на професионалните пожарникари и пожарникарската професија како целина. Од таму велат дека воопшто не се грижат за нивната спремност за делување, за квалитетна работна облека и услови за работа, како и соодветна исплата на со чесен труд заработените парични средства како што им следуваат по закон.
„До Синдикатот стигнуваат повеќе дојави за погазување на правата од работен однос на нашите колеги кои се борат со огнената стихија, на некои места како што е Ранковце, Градоначалникот иако предупреден од инспекторите од Дирекцијата за заштита и спасување сè уште официјално ја држи активна забраната за работа во трета смена на професионалните пожарникари. Замислете за да бидат заштедени парични средства, Општината Ранковце немала дежурни пожарникари во третата смена, па така нашите колеги од таа општина на свое лично залагање, некои и по 40 часови непрекинато се борат со страшните пожари на локалното подрачје, иако исплатата на нивниот труд, на овој начин е доведена во прашање.“ – велат од Синдикатот.
За слични ситуации тие велат дека постојано се информирани од нивните членови, па поради тоа напоменуваат дека стојат за заштита на нивните права.
„Сакаме да искажеме огромна благодарност до пожарникарите и другите лица кои се борат со пожарите на територијата на целата држава, а тука особено сакаме да ги споменеме и колегите од противпожарната единица во Кочани кои повеќе од 72 часа се борат на терен, а повеќето од нив немаат ниту 3 часа одморено севкупно во овие три дена!“ – додаваат од Синдикатот.
Тие велат дека оние кои ги оштетуваат правата на пожарникарите, загрозуваат еден од столбовите на безбедноста и хуманоста во државата. Најавуваат дека борбата за подобрување на положбата и почитувањето на работничките права на пожарникарите ќе продолжи засилено во наредниот период.
Лаура Стојанова М-Нет