
Непоразениот лидер во Првата ракометна лига, екипата на Младост од Богданци во недела ќе гостува во Штип, каде ќе се соочи со тимот на Текстилец, во меч од 9. коло.
Фаворитската улога секако е на страната на тимот од Богданци, кој сезонава направи квалитетен тим со две странски засилувања и цели кон тоа да обезбеди враќање во ракометната елита на Македонија.
Тимот на Горан Андоновски во досегашниот тек од сезоната има седум од седум и максимални 14 бодови на своето конто и всушност е единствениот тим кој нема забележано пораз, а го има најефикасниот напад со постигнати 290 погодоци.
Текстилец нема така лесно да се предаде, а Младост го респектира противникот од Штип, бидејќи најголемото предупредување доаѓа триумфот на Текстилец во Штип над Вардар Неготино, поразот кај фаворитот од Неготино предизвика тренерска промена.
Токму затоа Младост е максимално внимателен, додека пак Текстилец кој направи одлична екипа со млади ракометари, кои имаа квалитетни подготовки ќе атакува на своето шесто славје во обид да совлада уште еден голем фаворит. По осум кола екипата на Текстилец е на петтото место со десет бодови.
Кај екипата на Текстилец најдобар стрелец е Филип Џинес со 54 постигнати погодоци, додека пак кај Младост прв стрелец е Даниле Андоновски со 51 гол, а пак Србинот Лазар Адамовиќ има 46 погодоци.
Натпреварот меѓу Текстилец и Младост се игра во недела со почеток од 14 часот во спортска сала „Тошо Арсов“, а за правдата ќе бидат задолжени прилепските судии Рубинчо Седлоски и Горан Ангелески.
Александар Ванев, М-Нет