Во ЖИВО од Виница на М Нет – Дуелот меѓу Слога и Арсими, борба за три многу важни бодови

Утре на програмата се натпреварите од 13. коло од Втората македонска фудбалска лига, а гледачите на М Нет телевизија ќе имаат можност во ЖИВО од Виница да го проследат дуелот меѓу Слога и Арсими.

Овие две екипи ќе имаат свое соочување во борбата за трите бодови кои се повеќе од важни и за двете екипи, со цел полесна пролет и секако директен опстанок во второлигашкото друштво.

Двете екипи немаат форма и резултати за пофалби од досегашниот тек од сезоната. Слога има само две победи, додека пак Арсими има четири, а според формата од последните пет натпревари и двете екипи не играат според посакуваното.

Арсими има три порази, една победа и реми, а пак Слога четири порази и само една победа на последните пет натпревари. Со триумф и двете екипи може да направат сериозен прогрес на табелата особено Арсими, кој може да се зацврсти во средишниот дел од табелата.

Локомотива на домашен терен ќе има повеќе од тежок дуел против Пелистер, каде домашниот тим ќе се обиде да ја продолжи позитивна серија резултати, по победата над Борец и ремито со Караорман во Струга. За Пелистер, се освен победа ќе биде негативен исход во борбата за Прва лига.

Каменица Саса на домашен терен против Караорман ќе бара продолжување на победничката серија, откако „рударите“ направија прогрес на табелата до 12-тото место, а три бода од дуелот со стружани за Саса ќе значат многу. Караорман игра во одлична форма, по поразот од Охрид во езерското дерби, стружани имаат две победи и две ремија, па во Македонска Каменица ќе гледаме повеќе од интересен дуел за три бода.

Александар Таневски утре ќе го има своето деби на клупата на Беса во дуелот со „фенерџијата“ Борец. Беса е во резултатска криза со три последователни порази, па тоа резултираше со тренерска промена, со што на тренерското столче седна Таневски, тренер со прволигашко искуство.

Борец на секој меч оди на се или ништо, со оглед на фактот што велешани од коло во коло ги губаат сите надежи и многу брзо тонат кон Трета лига – Југ.

Дефинитивно дербито на колото ќе биде меѓу лидерот Гостивар и четвртопласираниот Детонит Плачковица, дуел кој треба да понуди интересен фудбал со тактични надмудрувања и на двете екипи околу трите бодови.

Радовишани предводени од штипскиот тренер Горан Здравков играат допадлив фудбал и тоа носи неверојатни резултати за Детонит Плачковица. Гостивар го доби дербито со Охрид и стана лидер во Втора лига, откако Вардар одигра 1:1 со Беласица.

На „Билјанини Извори“ се игра охридското градско дерби меѓу Воска Спорт и Охрид. Амбициозниот тим на Воска Спорт по поразот од Вардар, се „сопна“ и против Кожуф на домашен терен играјќи 2:2, а против Арсими потешко од очекувањата го собра целиот плен и го искористи киксот на Вардар со цел да се доближи до првите две места кои директно водат во Прва лига.

Воска пред градското дерби со ривалот Охрид е на третото место со 27 бодови, два помалку од второпласираниот Вардар и три помалку од лидерот Гостивар.

Од друга страна Охрид игра одличен фудбал, победничката низа од шест победи во низа беше запрена токму на „Билјанини Извори“ од лидерот Гостивар (1:2) со што охриѓани се спуштија на шестото место со 22 бодови.

Трите бодови се многу важни и за двете екипи. Воска сака победа за директен влез во Прва лига, Охрид за прогрес и враќање на местата кои обезбедуваат промоција во елитата на Македонија.

Беласица по ремито со Вардар (1:1) ќе бара три бода и на дуелот против Кожуф, кој пак во Струмица не доаѓа со бело знаме и сигурено ќе биде повеќе од интересен дуел во кој целта на двете екипи е триумф.

Тетекс од коло во коло продолжува да урива рекорди по примени погодоци, откако во претходното коло поставија нов црн рекорд во својата историја, поразот од Битола од 11:0 ќе остане вечно во историјата на „штофарите“ како највисок пораз.

Ниту промена на управи, ниту промена на тренери не дава резултат, Тетекс на последните пет натпревари има пет порази и се наоѓа на претпоследното место на табелата со 7 бодови.

Веќе утре, Тетекс ќе игра против најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар, во меч каде „вардарци“ ќе бидат апсолутни фаворити за трите бодови. Можеби не би било во ред да кажеме дека Вардар веќе ги има впишано трите бодови од овој дуел, па прашање само би било со каков позитивен резултат Вардар би се вратил дома. Квалитетот и формата се голема предност за Вардар со што утре ќе биде повеќе од апсолутен фаворит.