ВМРО: Ако нема експропријација, ќе нема ни брана!

По поставувањето камен – темелник на брана на реката Отиња, од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип обвинуваат за лажно владеење на СДСМ. Според нив, не може да постои брана без решени имотно – правни односи. Камен – темелникот е темел на лагата, велат тие. Предизборно насилно им биле одземени имотите на граѓаните, зашто никој ги нема контактирано.

„Експропријација на земјиштето сè уште нема, но тоа не ги спречува господата на СДС денес да промовираат фиктивен проект, кој несомнено потсетува на незавршената пруга кон Бугарија. Граѓаните на Општина Штип кои поседуваат имот во месноста каде ќе се протега браната, сè уште никој ги нема контактирано, што асоцира на узурпација на приватен имот од страна на државата. Сашко Николов, Благој Бочварски и Зоран Заев не треба само да се сликаат за предизборно да ја манипулираат јавноста. Но оваа нетранспарентност на СДС е јасен сигнал дека затоа што сè уште нема експропријација, очигледно ќе нема ни брана!“, велат од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.

Вината за тоа ја префруваат врз Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов, Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и Претседателот на Владата, Зоран Заев. Од нив побараа одговор за тоа кој ќе ги обештети засегнатите граѓани.

На ова Бочварски рече дека постапката за експропријација е направена и завршена и заедно со Градоначалникот изготвуваат елаборат за целата постапка. Тој вели дека кога веќе шират лажни вести низ јавноста, требало тие да ја направат експропријацијата додека биле на власт 8 години.

„Експропријацијата на трупот на браната е направена и завршена на местото каде што се гради браната. Ние во постапка веќе со Градоначалникот започнуваме со елаборат за изготвување на целата постапка експропријација на остатокот, на местото каде што ќе биде езерото. Така што во наредните две – две и пол години ќе се гради браната, ќе се врши експропријација. ВМРО ДПМНЕ да не му ја мислат, туку требаше да бидат овде, да честитаат и да се заблагодарат на оваа политичка гарнитура, којашто после 60 години реши и го гради овој објект“, одговори Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Лаура Стојанова МНет