
Се асфалтира булеварот „Маршал Тито“ во Виница. Денес Градоначалникот на Општина Виница, Ивица Димитров, излезе на терен и направи увид на градежните активности. Тој истакна дека проектов бил долго очекуван од граѓаните, бидејќи булеварот бил во катастрофална состојба.
„Се наоѓаме на булеварот „Маршал Тито“, каде што го поставуваме вториот слој на асфалт. Булеварот е во должина од 1200 метри“, рече Ивица Димитров, Градоначалник на Општина Виница
Димитров се надева дека граѓаните на Општина Виница и околните општини ќе бидат задоволни од направеното и се заблагодари на сите кои биле инволвирани во проектов.
„Бенефит ќе имаат не само граѓаните на Општина Виница, туку и на соседните општини, бидејќи ова е транзитниот пат којшто поминува кон Пехчево и Берово, така што сите оние коишто поминуваат низ овие општини, мора да поминат низ овој транзитен премин“, истакна Димитров.
Вредноста на овој, како што вели Градоначалникот, капитален проект за Општина Виница изнесува 22 000 000 денари и средствата се обезбедени од Јавното претпријатие за државни патишта.
Лаура Стојанова МНет